НАД 130 МАКЕДОНСКИ КОМПАНИИ НА ПРВА СРЕДБА СО ЛИДЛ ЗА МОЖНА СОРАБОТКА

0
267

Над 130 компании од Северна Македонија денеска беа запознаени со можностите за соработка со Лидл. Овој тип на соработка со локални компании е еден од основните постулати на Лидл во секоја земја каде работи.

„Основната идеја на Лидл во сите земји во кои е присутен, претставува развој на локалните производствени капацитети и заеднички раст и развој со нашите локални партнери, и иако Лидл Северна Македонија се уште не е целосно оперативен, овој процес веќе активно функционира. Во октомври минатата година започнавме со проект за промоција на македонски традиционални производи во Лидл Србија и Лидл Бугарија, каде ги претставивме македонскиот ајвар, пастрмајлијата, кочанскиот ориз, тиквешкото вино, македонското јагне и многу други производи. Извозот кој ќе го реализираме преку Лидл Северна Македонија до крајот на 2024 година само во овие две земји е во вредност повеќе од 2.000.000 евра или раст од четири пати во однос на минатата година. Вкусот на македонското овошје и зеленчук го направивме достапен до потрошувачите на Лидл во Србија, Бугарија, Романија, Полска, Чешка, Словачка и Германија. Од април 2023 до март 2024 година беа извезени преку 3 600 палети овошје и зеленчук. Во рамките на календарската 2024 година со нашите локални добавувачи планираме извозот на овошје и зеленчук да достигне 4 500 палети. Наведените примери и резултати се мотивација за нас и движечка сила за понатамошен успех”, изјави Стефан Георгиев, директор на секторот за набавка во Лидл Северна Македонија.

„Брендот на Лидл е присутен во 31 земја, каде ги задоволуваме потребите на голем број домаќинства. Како лидери во сегментот на секојдневно пазарување поставуваме стандарди кои ќе го зголемат квалитетот на понудата, а во исто време ќе бидеме ценовно конкурентни на пазарот. Но, основно за нас е да се соработува со локалните компании”, додаде Рубријан Хаџиев, генерален директор на Лидл Северна Македонија.

Лидл е дел од групацијата Шварц, присутен во 31 земја, со промет од 114 милијарди евра, 12 200 маркети и над 380 000 вработени.

Во Северна Македонија, Лидл започна со инвестиција – изградба на логистички центар во Куманово.

Извор : Независен.МК