МИЦКОСКИ : ЌЕ ЈА ТРАНСФОРМИРАМЕ МАКЕДОНИЈА ВО УСПЕШНА ЕВРОПСКА ПРИКАЗНА, НОВАТА РЕФОРМСКА ВЛАДА ЌЕ ЈА ПРИДВИЖИ ЕКОНОМИЈАТА

0
65

Набргу од денеска ќе биде составена новата реформска влада која што ќе има основна цел и задача да се занимава со реформите, да ги движи процесите напред, да не тонеме како држава и како општество во политичкото мочуриште на меѓуполитички препирки, туку да ја развиваме нашата држава, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски кој денеска го доби мандатот за состав на влада од претседателката Гордана Силјановска-Давкова.

Мицкоски не сакаше, како што кажа, да открие имиња на идните министри, потенцирајќи дека денеска почнуваат внатрепартиските и внатрекоалициските консултации околу предлозите за членови на Владата.

Тој се заблагодари на претседателката за доверениот мандат на Коалицијата Твоја Македонија предводена од ВМРО-ДПМНЕ и на граѓаните кои истакна дека се најзаслужни што државава ќе добие нова влада.

Ги посочи предизвиците кои ќе ги решава владата, истакнувајќи дека најголем дел од решенијата на напластените проблеми се во изборната програма „Платформа 1198“, за која што рече дека добиле поддршка од половина милион гласови и се мотивирани и имаат начин да ја спроведат.

Посочи дека новата влада ќе ги придвижи работите во економијата со реформи и силен инвестициски циклус, бидејќи граѓаните очекуваат подобрување на животниот стандард, подобрување на состојбата во здравството, образованието, земјоделството.

– Исто така, подобрување на стандардот на живот и зголемување на пензиите за пензионерите, едно од водечките ветувања кои ги имавме во кампањата. Се разбира оваа состојба која е во здравството во 21 век пациенти, за жал, да го губат својот живот чекајќи по ходниците, а хируршките сали да остануваат во состојба во која се овие денови. Учениците на први септември да добијат учебници, она кое што е важно, иако знам дека тука ќе имаме жесток и сериозен предизвик, бидејќи состојбата во Министерството за образование каде што е овој министер, не само што не е почнат овој процес, туку намерно го опструира за да, ете, на први септември кога ќе почне учебната година учениците немаат учебници. Да имаме задоволни земјоделци со загарантиран откуп со повисока откупна цена, субвенции кои што навремено ќе бидат исплатени. Да имаме задоволни припадници на министерството за внатрешни работи, министерството за одбрана. Дипломатија која што во светот ќе ги брани, штити интересите на нашето семејство, на нашето македонско семејство, а не лични интереси на поединци – рече Мицкоски.

Од денеска тече дваесетдневниот рок за формирање на нова Влада.