ИРЛ: БРАЌАТА НА ЗАЕВ И ФИЛИПЧЕ ИНВЕСТИРАЛЕ 1 МИЛИОН ЕВРА ВО ФОТО ЕЛЕКТРАНА ВО ДОЈРАН, ВЕНКО ФИЛИПЧЕ ИМАЛ НЕАКТИВНА ФИРМА ВО ПЕТРИЧ ВО СОСЕДНА БУГАРИЈА

0
399

Пратеникот Венко Филипче во анкетниот лист доставен денеска до Антикорупциската комисија ја скрил фирмата за недвижности од Бугарија која ја пронајдоа новинарите на ИРЛ. Пребарувањето низ јавните списи во Македонија нè доведе и до нова инвестиција на семејствата на експремиерот Зоран Заев и ексминистерот Филипче. Нивните браќа Вице и Никола се на чекор до пуштање во употреба на фотоволтаична централа која им ја изградил Кочо Анѓушев. Филипче во разговор со новинарите на ИРЛ утрово изјави дека заборавил да ја пријави фирмата и рече дека веднаш ќе поита до ДКСК да го надополни анкетниот лист за неговата имотна состојба. 

Известуваат: Маја Јовановска и Александар Јанев/Редактура: Иван Блажевски/Илустрации: Лука Блажев 

Кога неврохирургот Венко Филипче првпат доби државна функција, повеќе беше познат по семејното презиме како наследник на широката лекарска лоза. Како министер за здравство во периодот од декември 2017 до јануари 2022 година, неговата кариера ја обележаа подеми и падови.

За време на ковид-пандемијата Филипче уживаше висока доверба кај граѓаните и голем рејтинг меѓу сопартијците. Но, функцијата на крајот му заврши неславно. Остана запаметен како министер во чиј мандат во модуларната болница во Тетово изгореа 14 луѓе.

Два дена подоцна, под силен притисок од јавноста, Филипче поднесе пишана оставка од морални причини. Но, тогашниот премиер Зоран Заев не му ја прифати.

Од функцијата си замина два месеца по трагедијата, заедно со премиерот Заев, но од сосема други причини – незадоволство од исходот на локалните избори. Во меѓувреме Заев му стана најдобар пријател.

Во претстојните две и пол години Филипче продолжи да работи на Клиниката за неврохирургија во Скопје, а политички остана активен како коосновач на Фондацијата Зоран Заев. Но, она што не го споделува со јавноста се неговите бизнис-амбиции, надвор од болницата.

По завршувањето на функцијата, Филипче одлучил да влезе во приватниот бизнис со недвижности. Во ноември 2022 регистрирал компанија во соседна Бугарија. Адресата ѝ е на улица „Гоце Делчев“ број 12 во градот Петрич. На истата адреса се водат повеќе компании во сопственост на братот и братучедите на поранешниот премиер – Вице, Трајче и Бобан Заеви.

Улица „Гоце Делчев“ број 12, Петрич

Додека Венко Филипче беше министер за здравство во владата на Заев, во анкетниот лист доставен во Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) пријавил само една промена. Во август 2020 година купил нов автомобил Мерцедес во вредност од 45.000 евра. За време на мандатот не пријавил приватен бизнис, ниту пак претходно поседувал фирма.

ИРЛ откри дека неполна година по заминувањето од функцијата министер, на 18 ноември 2022 година Венко Филипче во Бугарија ја формирал фирмата ПАУЪР АЙ8 (POWER i8 Ltd). Првата запишана дејност на фирмата во која Филипче е единствен сопственик и управител е купување, изградба и продажба на недвижнини, но потоа се наведени уште неколку други дејности во кои може да работи компанијата.

Меѓутоа, компанијата не доставила финансиски извештаи до бугарскиот регистар, па оттука и нејасно е што работела до денес.

На парламентарните избори на 8-ми мај 2024 Венко Филипче стана пратеник на СДСМ во Собранието. Со тоа повторно доби обврска да го пријави својот имот во ДКСК, вклучително недвижен имот и фирми во странство, приходи во странство и слично. Меѓутоа, иако го чекаше последниот рок за поднесување на анкетен лист (листот е поднесен на 28 јуни 2024), фирмата во Бугарија не ја пријави.

Адресата на која е регистрирана фирмата е ул. „Гоце Делчев“ број 12 во Петрич. Во бугарскиот трговски регистар на истата адреса во Петрич се водат уште 120 други фирми. Има и компании во сопственост на членови на семејството Заеви. Но, меѓу нив не е поранешниот премиер Зоран Заев, кој не само во Бугарија, туку и во Македонија нема пријавено своја фирма, ниту каков било имот на свое име.

Пратеникот Филипче денеска за ИРЛ потврди дека има компанија во Бугарија, но заборавил да ја пријави во анкетниот лист. Рече дека ќе го дополни, но нагласи оти фирмата немала активности. Тој не сакаше да открие кој бил мотивот за да регистрира фирма во Бугарија. Изјави само дека тогаш имал бизнис идеја, која досега не ја реализирал.

На истата адреса во Петрич, компании основале братот на поранешниот премиер Зоран Заев, Вице Заев, првиот братучед Трајче Заев и најблискиот пријател, Венко Филипче.

На 1 јуни 2017 година Вице Заев ја формира фирмата Гомасидра (Gomasidra Ltd), наменета за меѓународен транспорт, шпедиција, рент-а-кар, како и продажба и издавање на недвижен имот. Вице Заев е единствен сопственик, а до мај 2021 година управител заедно со него бил и Трајче Заев – неговиот прв братучед и деловен партнер.

Вице Заев заедно со неговата сопруга Славица Заева има уште една фирма на истата адреса во Петрич регистрирана во јуни 2018 година Ориент груп (Orient Group LTD). Дејноста на оваа компанија е продажба и издавање под наем на недвижен имот. Во Ориент груп управител е братучедот Трајче Заев.

Првиот братучед Трајче Заев во бугарскиот регистар како сопственик фигурира во две фирми. Двете фирми ги формира во рок од два дена во мај 2019 година. На 13 мај заедно со Бобан Заев и Васко Динев ја регистрира фирмата Фарм ЕУ Бг (Pharma EU BG), а следниот ден истите содружници ја формираат фирмата Медикал 420 БГ (Medical 420 BG LTD).

Фирма со истиот назив и ист сопственик, Медикал 420, работеше и во Македонија во дејноста производство на канабис за медицински цели. Но, наместо успешен бизнис, оваа компанија стана озлогласена откако МВР во неколку наврати откри и заплени канабис наменет за нарко пазарот.

Невладината на Венко Филипче не е активна

Венко и Зоран во политика, браќата здружени бизнисмени

На празничниот неработен 1-ви мај 2019 година неколку медиуми објавија фотографија од средба помеѓу тогашниот министер Венко Филипче и братот на премиерот Зоран Заев, Вице Заев. Средбата се случила во ресторан во Дојран, а шпекулациите беа дека Вице Заев ќе го спасувал Филипче од „метлата“ на својот брат кој најави реконструкција на владиниот кабинет. Но, истовремено медиумите пишуваа дека Филипче и Вице Заев ги поврзувала уште една нишка, односно бизнисот со канабис за чие одгледување лиценците ги издава токму Министерството за здравство.

Премиерот Зоран Заев во Собранието доби пратеничко прашање кој бил мотивот министерот за здравство Филипче да се сретнува неформално со неговиот брат во кафеана во Дојран. Премиерот објасни дека средбата не била ништо поразлична од секојдневните комуникации на Филипче со граѓаните со кои разговара за подобрување на здравствените услуги.

„За што може друго да разговарале? Може да разговарале и за ајварот ’Мамас‘. Немаат допирни точки, брат ми не е лекар“, одговори Заев на прашање од опозициски пратеник.

Четири години подоцна во Дојран, во екот на соларната револуција што се случува во земјава откако енергетската криза ги вивна цените на струјата, а многумина во тоа видоа шанса за исклучително профитабилен бизнис, браќата на екс-функционерите, влегуваат заедно во бизнис-зделка.

Браќата на Заев и Филипче во бизнисот со фотоволтаици 

Енергетиката беше еден од врвните приоритети на Владата предводена од Зоран Заев во 2017 година и тоа беше очекувано со назначувањето на вицепремиер за економија што дојде токму од тој сектор. Наспроти предизборните декларативни заложби за социјални реформи и мерки за намалување на сиромаштијата што брзо ќе се пресликаат врз подобрување на животниот стандард на граѓаните, тогашните власти попрво се посветија на експресни измени на Законот за енергетика кои овозможија привилегии за големите инвеститори да прават пари од искористување на сончевата енергија.

Во таа инвестициска треска, бенефитите од донесената легислатива ги ползуваа и луѓето од најтесното семејство на функционерите што се погрижија да се донесе законот, па во бизнисот со производство на струја, освен некогашниот вицепремиер Кочо Анѓушев којшто е на престолот, се пробаа и синот, братот и таткото на Зоран Заев, синот на Али Ахмети, сопругата на Димитар Ковачевски, но и бројни градоначалници и директори на државни институции.

Последно во овој бизнис влегува и братот на Венко Филипче, Никола, со здружени сили заедно со братот на експремиерот Зоран Заев, Вице.

На крајот на минатата 2023 година, Вице Заев и Никола Филипче формираат заедничка фирма која ја нарекуваат „Фос имерас“, што преведено од грчки јазик значи „дневна светлина“. Сопственици на „Фос имерас“ се две компании. „Тотал инженеринг“ од Струмица во сопственост на Вице Заев и „Плус нетворк“ од Скопје чиј сопственик е Никола Филипче. Заедничкиот проект со Вице Заев со соларната централа во Дојран на Филипче му е прв бизнис во енергетиката.

На атрактивна локација, на само петстотини метри воздушна линија од границата со Грција, на површина од 23.000 квадрати на сончев рид, преку заедничката фирма „Фос имерас“ двајцата изградија фотонапонска централа за производство на струја со капацитет од 1,5 мегавати.

Сателитски слики од локацијата во Сретеново, Дојран (октомври 2023) и фотографии на ИРЛ од фотоцентралата на „Фос имерас“ (мај 2024)Според податоците кои ИРЛ ги доби од Општина Дојран и од Агенцијата за катастар на недвижнини прв сопственик на земјиштето била фирмата „Панама резорт“ од Скопје. Таа во 2016 година ја купила државната парцела од Република Македонија. Првичната намена била да се изгради винарија. Но, сопственикот на „Панама резорт“, скопски стопанственик кој ги организираше и градските креативни забави „Баскер фест“, не ја реализирал идејата за винарија. Потоа, во 2021 година ѝ го продал земјиштето на фирмата „Плус нетворк“ чиј сопственик е Никола Филипче.

Како следен чекор, „Плус нетворк“ поднела барање за пренамена на земјиштето од лесна и незагадувачка индустрија во изградба на фотоволтаични електрани, за што во март минатата година добива согласност од Министерството за транспорт и врски. По само неполн месец Советот на Општина Дојран, каде градоначалник е Анго Ангов од СДСМ, го менува ДУП-от и овозможува фирмата да може да постави соларни панели на парцелата.

 „Градоначалникот ни рече – зошто да се наддавате, договорете се“

Еден од сопствениците на компанијата, Вице Заев, во отворен разговор за ИРЛ вели дека соработката со Никола Филипче дошла „сосема спонтано“.

„Земјиштето коешто е предмет на заедничка инвестиција беше понудено на продажба од страна на сопственикот, на две различни средби поединечно и мене и нему. Сопственикот му ги кажал намерите за продажба и на градоначалникот, а тој пак ми спомна мене. И меѓу другото ми рече – зошто да се наддавате и Никола е заинтересиран и ти си заинтересиран, подобро видете се и договорете се“, ни рече Вице Заев, кој патем транспарентно одговори на сите прашања на ИРЛ.

Според него, инвестицијата ги чинела околу 900 илјади евра, од кои третина биле нивен сопствен капитал, а останатите 600 илјади евра од кредит.

Изведувач на целата инвестиција, по принципот „клуч на рака“, била компанијата „Фероинвест“ на поранешниот вицепремиер, Кочо Анѓушев.

Фирмата на Никола Филипче дозволата за градба ја добива во најкусиот законски рок од три дена предвидени во Законот за градење. Иако праксата покажува дека и во случај кога околу одредена парцела нема приватни сопственици, рокот трае минимум 15 дена, општинската администрација во случајов била експедитивна. Барањето е поднесено на 20 јуни, а веќе е изготвено на 23 јуни 2023 година.

Кога сите бирократски процедури биле завршени, а теренот подготвен за градба, во ноември фирмата „Тотал инженеринг“ на Вице Заев купила половина од парцелата. Потоа двајцата браќа на функционерите, на 25 декември 2023 во Скопје ја формираат заедничката компанија „Фос имерас“, која станува носител на одобрението за градба на фотоволтаичната централа и сопственик на атрактивната парцела.

Во април годинава од Шпракасе банка подигнат е кредит во вредност од 600.000 евра за изградба на трафостаница, а под хипотека е ставено градежното земјиште кое има површина од над 23.000 метри квадратни.

Соларните панели се веќе поставени, но фотоцентралата сè уште не работи. Според информациите од Регулаторната комисија за енергетика, оваа компанија досега нема побарано лиценца за производство на електрична енергија.

Никола Филипче разговараше со новинарите на ИРЛ, но по телефонскиот разговор, иако му испративме прашања, тој не одговори.

Тој пред бизнисот со струја се занимавал со други дејности. Па така, фирмата „Плус нетворк“ е регистрирана како фирма за трговија на големо со месо и производи од месо. Има и фирма „Алиментос“ доо Скопје за компјутерско програмирање, фирма со исто име „Алиментос УОРЪЛД“ во Петрич, Бугарија, како и „Метрополитан каталог“ доо Скопје за трговија на големо со парфимериски и козметички производи. „Алиментос УОРЪЛД“ во Петрич не се наоѓа на иста адреса со фирмата ПАУЪР АЙ8 (POWER i8 Ltd) на неговиот брат Венко Филипче.

03.04.2023 година - Општина Дојран носи одлука за менување на ДУППратеникот Филипче пријави поголем имот од министерот Филипче

Пресметките од последниот анкетен лист на Венко Филипче, доставен на 28 јуни 2024 до Комисијата за спречување корупција како пратеник, покажуваат дека тој поседува имот вреден 850 илјади евра. Тоа значи дека во меѓу периодот откако престана да биде министер, до пратеничката функција, за две и пол години, стекнал капитал поголем за 150 илјади евра.

Пријавениот имот вклучува шест станови во Скопје, патничко возило во сопственост на сопругата и нов мотор Indian Pursuit купен годинава.

Пријавени се и хартии од вредност стекнати во 2008 година, меѓутоа, не е наведена нивната вредност.

Претходната власт предводена од СДСМ, последните неколку години од владеењето на големо зборуваше дека ќе го испитува потеклото на капиталот и имотот на функционерите. За секој имот над 30 илјади евра за кој не може да се докаже потеклото, требаше да има конфискација. Меѓутоа, досега ништо од ова не се примени.

Конечно, овие одредби се преточија во закон во февруари годинава, кога Собранието го донесе Законот за конфискација на имот во граѓанска постапка. Со усвојувањето на овој закон се овозможува конфискација на имот (недвижен имот, пари, хартии од вредност, депозити, концесии) чие стекнување не може да се докаже дека е од законски извори. Постапката опфаќа имот во или надвор од Македонија, на граѓани и компании регистрирани овде или во странство.

За почетна година од кога ќе се разгледуваат изворите на средства е определена 2007 година. Тогаш е донесен Законот за платен промет кога сите граѓани беа обврзани своите трансакциски сметки да ги пријават во Единствениот регистар на трансакциски сметки.

Законот за конфискација на имот во граѓанска постапка ќе почне да се применува од септември оваа година.

Миленикот на Заев, неомилен кај дел од партиските членови

Во недела (30 јуни 2024) социјалдемократите ќе го бираат наследникот на Димитар Ковачевски, под чие водство партијата доживеа дебакл на последните парламентарни избори. Членовите на СДСМ ќе треба да изберат еден од четирите кандидати кои решија да се кандидираат за лидерската позиција. Кандидатури поднесоа Венко Филипче, Јован Деспотовски, Славјанка Петровска и Александар Бајдевски. Сите претенденти изминативе три недели се во кампања меѓу членството и лобираат да добијат гласови за да ја предводат партијата.

Во интервју за весникот „Фокус“ Филипче откри дека бил свесен оти СДСМ ќе изгуби на изборите и дека ќе одат во опозиција. Но, за новата политичка реалност рече оти не го обесхрабрила да се кандидира за претседател на сега веќе поразената партија.

„За мене тоа беше предизвик, човек треба да се вклучи и да помогне кога е најтешко, не само кога победата е сигурна“, вели Филипче.

Претходните премиери и партиски лидери Димитар Ковачевски и Зоран Заев јавно не поддржуваат ниту еден од кандидатите. Но, среде кампањата Венко Филипче беше говорник во Атина на Меѓународната конференција за мир и одржлив развој која ја организираа Фондацијата Заев и Институтот Ципрас по повод шест години од потпишување на Преспанскиот договор.

Сепак, Филипче негира дека му е фаворит на Зоран Заев. Тврди дека тоа е теза што, како што рече, постојано се пласира од многу места, но и од ВМРО-ДПМНЕ.

„Веднаш ќе кажам – апсолутно не. Многу бргу по мојот избор ќе видите суштински разлики во начинот на водење на партијата, кадровски промени и целосен концепт, кој ќе биде оригинален и самостоен. Јас не сум под ничие влијание, уште помалку под нечие управување“, изјави Филипче.

Но, иако важи за миленик на Зоран Заев и неговото крило во СДСМ, дел од партиските ограноци воопшто не кријат дека Филипче не им е омилен. Неодамна пред партискиот штаб во скопски Аеродром, активисти на партијата закачија транспарент со порака до двајцата: „Венко (Заев), за вас вратата е затворена“.

Во рамките на трката за нов лидер на СДСМ, Филипче, како едно од клучните партиски тела предлага да се формира комисија за етика и одговорност. Нејзината цел би била да спречи несоодветно однесување на партиските и државните функционери кои со своите постапки сериозно би го нарушиле угледот на СДСМ или би ја поткопале довербата на јавноста.

Извор : ИРЛ.МК