Сиљановска Давкова, како што соопшти нејзинмиот кабинет, оцени дека во изминативе 28 години, Процесот им помогна на учесничките да затворат некои отворени прашања, да изградат меѓусебна доверба и да соработуваат за постигнување на заедничката цел, а тоа е целата Југоисточна Европа да добие едно заедничко знаме – знамето на Европската Унија.Овие заеднички заложби, според неа, дадоа конкретни резултати – некои станаа полноправни членки, други започнаа преговори за членство, а трети се кандидати или имаат поднесено апликација за членство.
– Но и покрај досегашните неспорни постигнувања, сведоци сме на забавување во регионалната соработка, особено изминативе години, поради стагнацијата во европската интеграција, недоволната инфраструктурна и енергетската поврзаност, демографското стареење и масовното иселување на младите. Сето ова, рече Сиљановска Давкова, кулминираше со руската агресија против Украина, што е закана за мирот и стабилноста, но и за човечката и енергетската безбедност и безбедноста на храната.
Според претседателката, довербата се гради преку одрекување од двојните стандарди и почитување на правото и правдата, на принципите на меѓународното право, вклучително и преку немешање во внатрешните работи на државите.
– Во контекст на европската интеграција, тоа подразбира дека учесниците во Процесот од регионот мора да инсистираат на копенхагенските критериуми како единствен услов за членство во ЕУ. Ветото е спротивно не само на логиката на Европската Унија, туку и на просперитетот на целиот регион. Наместо меѓусебно да се блокираме, ние треба да се однесуваме скандинавски, да соработуваме и да се поддржуваме едни со други, рече претседателката Сиљановска Давкова.Во однос на европските реформи, таа нагласи дека на регионот не му е потребна гола ЕУ-реторика, туку доследна ЕУ-логика.
– Со други зборови, ни треба демократска политичка култура, владеење на правото и функционална правна држава, човекови права и фундаментални слободи, стручна и компетентна администрација и компетитивна економија. А најдобар, најефикасен начин за имплементирање на овие европски придобивки се преговорите и членството, рече претседателката.Но, како што посочи, за регионалната соработка да биде поефикасна, мора да продолжи да се гради регионална синергија меѓу процесите, како што се Берлинскиот процес, Регионалниот совет за соработка и Процесот „Брдо-Бриони.
– Очекувам, независно од постизборната констелација во Европската Унија, проширувањето да остане на агендата на идната Европска комисија. Ова е важно бидејќи проширувањето е геостратешка инвестиција во мирот, безбедноста, стабилноста и просперитетот, истакна претседателката Сиљановска Давкова во обраќањето на Самитот на шефови на држави и влади на учесниците на ПСЈИЕ.
Во рамки на Самитот, како што информираат од кабинетот на Сиљановска Давкова, предвиден пленарен состанок на шефовите на делегациите по што ќе следува заедничка прес-конференција на актуелниот, претходниот и идниот претседавач со Процесот за соработка во Југоисточна Европа.
Процесот за соработка во Југоисточна Европа, како форум за регионална соработка е основан во 1996 година и ги вклучува сите 13 учесници од југоисточна Европа со цел изнаоѓање на решение за регионалните прашања, јакнење на добрососедските односи, промовирање на дијалог и соработка и поттикнување на европската и евроатлантската интеграција на земјите од Југоисточна Европа. Во таа насока, главните цели на ПСЈИЕ се унапредување на политичката и безбедносната соработка, поттикнување на економската соработка и проширување на соработката во областа на човековите права, демократијата и правдата.