ЦИРКУСОТ НА ДПМНЕ ЗА СПАС НА КРИМИНАЛЦИТЕ ЈА ДОВЕДУВА ДРЖАВАТА ПРЕД ФИНАНСИСКИ КОЛАПС: Ребалансот на буџетот неопходен, но невозможен без Собрание

0
1310

Ребаланс на буџетот за оваа година е неопходен, порачуваат експертите, но тој ќе мора да чека на разврска на политичката криза, бидејќи ваков документ мора да се брани и да биде изгласан од Собранието, кое се уште не е конституирано, пренесува Телма.

Познавачите коментираат дека во изминатите неколку години корекциите на државната каса се случуваа кон средината на годината, но веќе во овој период Министерството за финансии ги испраќаше циркуларите до сите буџетски корисници, каде што тие ги наведуваат своите буџетски потреби. Оваа година се ќе зависи од политичката разврска, што ќе овозможи новата Влада да ја согледа реалната состојба со јавните финансии.

За 2017 Владата предвиде раст на економијата од 3 отсто, но веќе е сигурно дека тој нема да може да се оствари. Светска банка ги намали прогнозите на 2,8 отсто, но само доколку политичките турбуленции се расчистат во првата половина од годинава. Тоа упатува дека ново прекројување на буџетот ќе биде повеќе од потребно.

Во меѓувреме, и покрај ветувањата кои траат неколку недели, се уште доцнат и земјоделските субвенции, а од Финансии нема конкретен одговор зошто е така. Има ли доволно пари во буџетот и како ќе се финансира буџетскиот дефицит. Самата Влада во буџетот за годинава најави дека ќе оди на издавање на нова еврообврзница, преку која би позајмила средства на меѓународниот пазар на капитал.

Дел од експертите, пак, не се сомневаат дека странски извори на финансирање ќе бидат достапни, но нивната цена ќе биде повисока заради политичката непредвидливост.

Само во првите два месеци од годинава Владата влезе во буџетски минус од 60 милиони евра, што е повеќе од предвиденото за овој период од годината.