Организација на жени од Струмица: Демант на лагите и клеветите искажани од движењето СОС

0
1064

Организација на жени на општина Струмица најостро ги осудува, ги квалификува како тешка лага и клевета и во целост ги демантира изјавите на претставниците на граѓанското движење „Стоп операција Сорос“ (СОС), искажани на прес конференцијата на  04.02.2017.

На прес конференцијата беше посочено дека Организација на жени на општина Струмица е дел од организации на чии што сметки легнувале милионски сумикои биле користени за партиски активности и цели на СДСМ. Остро ги отфрламе ваквитегруби  клевети и навреди. Средствата на организацијата никогаш не биле и нема да бидат користени за цели на било која партија. Ваквите измислици имаат за цел само да ја деградираат работата на нашата, но и на останатите граѓански организации кои гласно ги артикулираат проблемите во општеството.

Организација на жени на општина Струмица не е ниту „дел од партијата СДСМ“, ниту пак „партиски клуб на партијата“, како што наведуваат од движењето СОС. Организација на жени на општина Струмица не е наменски основана за нечии цели. Ние сме граѓанска организација основана во 1991 година, со една и единствена цел –  да ги промовира, застапува и штити праватаи интересите на граѓаните.

Во своето 25-годишно работење сме препознатливи во заедницата како организација која делува на полето на почитување и унапредување на женските и човековите права, на развојот на демократизацијата во општеството, како и во полето на социјалната заштита.

Исто така, најостро ја отфрламе и квалификацијата дека сме организација која работи по наредба на Фондацијата Отворено општество – Македонија. Претпоставуваме дека господата од граѓанското движење СОС, Цветин Чилиманов и Никола Србов, се запознаени со фактот дека граѓанските организации се автономни и независни во своето работење. Организација на жени не работи по ничии наредби, туку единствено според целите и активностите дефинирани во своите акти, утврдени од страна на сопствените раководни и управувачки тела.

Поради грубите невистини и клевети изнесени на наведената прес конференција, бараме јавно извинување од претставниците на движењето СОС во рок од 7 дена. Во спротивно, ќе поднесеме тужба за навреда и клевета.