КОЊСКИ ПОЛУТКИ

0
1478

или

ФЕНОМЕНОТ НА КОЊОТ И ЛАВОТ ВО СОВРЕМЕНАТА

МАКЕДОНСКА МОНУМЕНТАЛНА „УМЕТНОСТ“ (10)

Некако не можам да се откачам од чувството дека некој како намерно да ги редел сите оние коњанички карикатури низ Скопје и Македонија. Да беше ова во времето на опозицијата, не ќе имаше никакво сомневање, како впрочем и сите други гадости што ги правеа само за да ја оцрнат државата, нејзината историја, народот, а особено единствената освестена (не)национална партија, сега на власт. Ама, за живо чудо, ова се случува(ло) токму во времето на владеењето на таа (национално, историски, конзервативно и секако друго) освестена партија. Оттука и чудењето: толку ли луѓево не знаат, не разбираат, толку ли се глупави и тупави … или само сакаат да се шегуваат со себеси и со народот?

Зашто, прво, да се наредат толку коњи на четврт квадратен километар нема ни во Тексас; второ, да се наредат толку смешни, карикатурални четириножни животни на толку мал простор, нема ни во руски циркус (Дизниленд е сериозна работа!); трето, да се наредат врз коњите и уште посмешни човечки фигури и сите тие грозомории да се прогласат за национално важни споменици на луѓе и настани од светата македонска историја – е тоа мора да е некаква заебанција! И со народ, и со држава, и со историја, а особено со уметноста!!!

И малку им било сето тоа, па почнале да редат и коњски полутки среде фонтани, како израз на преголема љубов и почит кон ова животно. И тие коњски полутки се, мислам, врвот на македонскиот творечки идиотизам поврзан со темата на коњот! Зашто, за некој да смисли и такво ругло, па уште и да добие амин истото да го постави на јавно место, тука нештата се премногу забегани. И што претставуваат тие коњски полутки што излегуваат од фонтаната на левиот брег на Вардар, помеѓу хотелот „Стоунбриџ“ и Музејот на македонскиот хорор? Го најавуваат ужасот што го чека посетителот во тој музеј? Само така би имало оправдување, зашто ако навистина има нешто погрозоморно од нив, тоа е сместено во тој музеј. Како божем македонска историја! Ако тие коњски полутки се таму за да предупредат, за да подготват за неочекуваното – ок. Или, можеби, некој навистина мисли дека тие заличуваат, потсетуваат на коњите во фонтаната Треви, или оној во фонтаната Четири реки во Рим? И тоа не би ме зачудило според сите други филмови што се вртат низ главите на оваа полуписмена политичка „елита“! Како и да е’, и овој монструозен пример на (зло)употребата на коњот во денешнава македонска јавна „уметност“ останува целосно необјаснив! (Патем, истата грда приказна со животни пресечени на половина се повторува и на втората фонтана на истата локација, пред самиот хотел Стоунбирџ“, само што во тој случај настрадал лавот односно негови четири мултиплицирани полутки, со изразени различни расположенија!).

d0bad0bed19ad0b8

Инаку, на пример, како би му ги објасниле тие „полукоњи“, или оние „полулавови“, на едно дете од претшколска возраст? Или дури и на дете до четврто одделение? Зошто се тие коњи таму и зошто некој ги пресекол на половина? И како тоа тие полусуштества извираат од некакви бетонски (или од што и да се) столбчиња? Знам, нашиве стручњаци, оние од форматот на Саркањац и компанија, би рекле дека нема што децата да прашуваат и уште помалку има возрасните да им објаснуваат. Или, ќе им кажат дека тоа е – уметност? Како што тоа (им) го кажуваат за онаа карикатура од воин на коњ, или за оној што го глуми Чакаларов? Сигурен сум дека тоа ќе биде така и токму заради тоа г-дин Заев апсолутно не е во право кога вели дека нема да земе чекан во рака. Впрочем, не мора баш тој да зема чекан, има други кои се подготвени за такво нешто! Инаку, тие производи на овие болни македонски умови ќе затупуваат и заглупуваат генерации и генерации во овој град.

*

Колку за споредба како нештата треба да се прават, особено во споменичката област: на познатиот споменик на српскиот кнез Михајло Обреновиќ во центарот на Белград, подигнат во 1882 година, му претходел меѓународен конкурс (објавен 1873 година), на којшто пристигнале дури 17 трудови. Комисијата го избрала предлогот на италијанскиот скулптор Енрико Паци (тогаш професор на Академијата за убави уметности во Фиренца). Овој споменик важи за еден од најдобрите вакви споменици на територијата на некогашна Југославија.

Пишува : Златко Теодосиевски, историчар на уметност

Превземено од Теодосиевски Уметност