Бомбите ми разјаснија кој ни исклучувал струја пред вестите во Kанал-5

0
1090

Требаше да поминат повеќе од осум години за да разберам дека наивно сум верувал дека ножиците за сечење на струјата во Канал-5 на минута пред стартот на вестите биле ЕВН, а не газдата Емил Стојменов.

aco-kabranov

Имаше повеќе такви случки,  но една, сега кога ги гледам смешните бесрамни ценузирања на гостите во вестите во Канал-5  сакам јавно да ја споделам. Ќе ја кажев и тогаш, ама наивно верував дека виновникот е ЕВН со замешани прсти од власта, и тогаш под палката на сегашниов Груевски. Случката оди вака.

Вестите на кои тој ден јас бев уредник и водител, требаше да ги почнеме со сторија која ,се разбира, не беше афирмативна за власта, не е важна веќе содржината, во годиниве што поминаа таа за разлика од другите што ги изнаслушавме и изнагледавме, беше гола вода.
Но, тогаш на стартот на владеењето на Груевски некому му изгледаше страшна.
Не ги прифативме страничните сугестии да не ја објавуваме. Влегов во студио, вообичаено 5 минути пред почетокот на вестите, да се сконцентрирам, и оп, минута или две пред да почнат, во студиото снема струја.

Збеснев, ги пцуев ЕВН дека трансформаторот кај Канал-5 стално им откажува. Ме слушаа од техника и се сеќавам некој од нив дојде и ми шепна, не се нервирај, не е ЕВН, газдата се јави да ја исклучат струјата и да немате до 17 и 30, додека помине терминот.

Признавам, тогаш мислев дека од техниката ме манипулираат, дека нема газда кој нејќе гледана телевизија оти тоа носи реклами, а тие пак пари за него, а за нас од новинарскиот тим доказ дека робуваме на професијата, а не на партиите или било која власт,

Разговорот од бомбите во кои мој Емил Стојменов им предлага не се сеќавам више на Сашо или Мартин дека он има решение за да нема “неубава“ вест за власта на неговата телевизија ме сроза. Решението да ти било во исклучување на струјата.

Признавам, тоа сознание ме тресна од земја, ми го врати филмот, и ете подобро некогаш а не никогаш, сфатив кој бил шнајдерот кој сечел струја.
Сега од временска дистанца, сфаќам дека мотивот му биле пари и само пари, каков допринос за демократија, каква професионална телевизија.
Сме биле различни. Еве слушам тој стариот авион со 6 седишта го сменил со нов од 12 и го платил наводно цели половина милион евра, а ние од тогашниот тим на Канал-5, не сите, но повеќемина мислиме дека чесно си ја одработуваме професијата, нормално не во неговата телевизија.

На оставката на Богатинова, кој и да и е мотивот, гледам како на очаен обид на новинар-извршител, а не професионалец. Предоцна е за таков филм.

п.с.

Ова што го пишувам, не е со цел да се правам голем професионалец, туку чувствувам потреба барем малку нештата да станат појасни за маглата што со години ја сеат медиумите под команда на Протоѓер и Груевски. Емил во случајов е само лаком газда.

Ацо Кабранов

[youtube height=”500″ width=”600″]https://www.youtube.com/watch?v=OzcF_653_O8[/youtube]

Разговор помеѓу Мартин Протоѓер и Емил Стојменов
ЕС : Ало
МП: Ее Емил..
ЕС: Што праиш Мартин, добар?
МП: Добро, добро еве последен ден и така..
ЕС: ..аха аха, да знам дека си у гужва …тоа цело време праиме, размислуваме со ова шо ќе праиме, со емисијата на овој вечер разбираш..
МП: ..Аха
ЕС: .. и сеа они нешто начуле, овој се влечка не ја носи уште емисијата, се заканува демек ова она, ние не сме му кажале дека нема да му ја емитуваме ..
МП: ..мхм мхм
ЕС: И праиме некои финти, иначе најавите ги дал за емисијава…
МП: ..мхм..
ЕС: Му се за Викиликс ова, разбираш, најновото што е со ова..
МП: ..мхм мхм
ЕС: Второ најава му е нешо шо новата влада шо ќе победела и кој на кого ќе му даде пета во понеделник, разбираш..
МП: ..мхм мхм
ЕС: И он си ја напраил наменска веројатно емисијата сеа, сигурно е тоа..
МП: Можете да ја пуштите со лош тон емисијата, со пречки
ЕС: Слушај, ќе смислиме нешто и ќе ди кажам до вакво.. дури мислев и струјава да ја исклучам во телевизијава нек си е… мајката, разбираш… Ајде ќе смислам нешто и ќе ти кажам, мислиме, да видиме нека ја донесе..
МП: Не бе не, нека се пушти со пречки, со лош тон, луѓево да не можат да гледаат и ќе сменат кога ќе видат.. ЕС: Важи, важи ќе напраиме нешо..уживај

Извор : Либертас