Милевски достави 1.000 амандмани на Законот за нотаријат

0
1430

Пратеникот на Либерално-демократската партија, Горан Милевски денеска до Собранието на Р. Македонија достави 1000 амандмани по Законот за нотаријат. Новиот предлог-закон според Милевски е штетен за граѓаните, бидејќи ќе ја усложни постапката пред нотар, а има голема веројатност да ги зголеми и нотарските трошоци, како и времето потребно за завршување на одредени нотарски работи.

“Од една страна владата одбива донесување на Закон за медиуми со образложение дека не постои никаде во Европа, а од друга страна предлага законски решенија кои се невидени во земјите членки на Европската унија. Овие двојни аршини на власта се добро познати и затоа треба енергично да се спротиставиме на нив“, смета пратеникот и лидер на ЛДП, Горан Милевски.

Тврдењата на владата дека со воведувањето на адвокатите во нотарската работа ќе се зголеми заштитата на граѓаните не е основана и нема никави искуствени докази дека тоа ќе биде така, наведува пратеникот на ЛДП.

“Со ова законско решение добивка ќе имаат мал број на адвокати блиски до фамилијата на власт, повторно на сметка на граѓаните, а останатите адвокати ќе останат со ‘куси ракави’“ предупредува Милевски.

Пратеникот наведува дека потребна е либерализација на нотарската работа и намалување на тарифникот на услуги. Доколку пак, државата има недоверба кон работата на нотарите, наместо лажна грижа за граѓаните, треба да воведе засилени контроли кај оние нотари кои смета дека работат несовесно, а не целата фела да ја деградира пред јавноста.

Расправата по овој Закон ќе отпочне во вторник на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците.