ЗЛОУПОТРЕБАТА НА ПАРИ ОД ЕВРОПСКИТЕ ФОНДОВИ ЌЕ СТАНЕ КРИВИЧНО ДЕЛО, МАРИЧИЌ: СО ИЗМЕНИТЕ ВО ЗКП ЌЕ СЕ ОВОЗМОЖИ ПОДНЕСУВАЊЕ НА ТУЖБИ И ЕЛЕКТРОНСКИ И ЌЕ СЕ ЗАБРЗААТ СПОРОВИТЕ СО МАЛА ВРЕДНОСТ

0
657

“Злоупотребата на парите добиени од ЕУ преку ИПА фондовите ќе стане посебно кривично дело во Македонија” – рече министерот за правда Бојан Маричиќ бидејќи постои таквата директива од ЕУ. Ќе се внесе и кривично дело сексуално вознемирување, социјалните медиуми ќе станат средства за јавно информирање и кривично ќе се гонат заканите упатени преку нив.

Меѓу седумте закони кои што со европско знаменце се испратени во Собранието е и Законот за Академијата на судии и јавни обвинители со кој сега се утврдува помалку електронско полагање а повеќе практично знаење на завршниот испит, како и пократки рокови за поднесување приговори; и Законот за адвокатура со кој ќе се формира Едукативен центар за континуирана обука на адвокатите, поддржан од комората и со финансиска помош од амбасадата на САД.

Со измените на Законот за кривична постапка (ЗКП) ќе се интервенира во делот за вештачењето, доставата на судските покани, во забрзувањето на постапките во спорови со мала вредност, ќе се дозволат и електронски поднесоци, а во одредени случаи кога тоа го овозможуваат условите, судењата да се одвиваат онлајн. Ќе постои и мониторинг од ОБСЕ на 50 случаи по нивен избор и на начин и формат кои што самите ќе го одберат, за да го следат начинот на функционирање на судската власт.