ЗЕЛЕНИТЕ ОД ДУИ СЕ КОЛЕБААТ ЗА РЕЗОЛУЦИЈАТА НА ВМРО-ДПМНЕ ПОРАДИ ОПАСНОСТ ОД ЗАМРЗНУВАЊЕ НА ЕВРОИНТЕГРАЦИИТЕ

0
919

Демократската унија за интеграција по денешните разговори со ВМРО-ДПМНЕ ја одбија предложената резолуција затоа што се’ уште се колебаат поради импликациите од неа во врска со евроинтеграциите на Северна Македонија.

Наспроти нив, СДСМ конечно објави дека ја прифаќа резолуцијата на ВМРО-ДПМНЕ, а тоа го направија и помалите партнери во коалицијата на социјалдемократите. Ставот на СДСМ го потврди и вицепремиерот за борба против корупцијата, Љупчо Николовски.

“Станува јасно дека сите ние го штитиме и јазикот и идентитетот и сето она што е македонско. Не е воопшто прашање и нема воопшто потреба да се стави под прашање каква било резолуција. Ние ќе дадеме поддршка на резолуцијата. Веруваме дека сите постапки ќе завршат во парламентот и со тоа потврдуваме дека ниту јазикот, ниту посебностите, ниту идентитетот некој ги ставил на маса или преговарал во целиот овој период” – изјави Николовски.

По средбите во Собранието, Алијанса на Албанците побара владејачките СДСМ и ДУИ да го усогласат ставот за резолуцијата за да може да се донесе со консензус. Алтернатива објави дека ќе заземе став откако прво за ова ќе дискутираат партиските тела.