ЗАВРШЕНИ СЕ РЕКОНСТРУКЦИИ ВО ПОВЕЌЕ УЧИЛИШТА, КУПЕНИ СЕ И ТАБЛЕТИ ЗА ДЕЦА ОД СЕМЕЈСТВА ВО СОЦИЈАЛЕН РИЗИК, ЦАРОВСКА: УЧЕБНИЦИТЕ СЕ ГОТОВИ И ВЕЌЕ СЕ ДИСТРИБУИРААТ ДО УЧИЛИШТАТА

0
809

“Училиштата интензивно се подготвуваат за новата учебна година. Тоа е процес кој е започнат уште поодамна, така што очекувам да бидат целосно подготвени за прием на учениците со физичко присуство и за непречена реализација на квалитетна настава во која воведуваме низа реформи годинава. Внимаваме и мора да внимаваме на сé, а особено да бидеме одговорни и да ги почитуваме протоколите, бидејќи не смееме да заборавиме дека учебната година се организира во услови на пандемија” – изјави министерката за образование и наука Мила Царовска.

“Во изминатиот период заедно со локалните самоуправи, раководствата на училиштата, со граѓанските организации и странските партнерски организации како УНИЦЕФ, УСАИД, Светска банка и други, работевме на подготовка на училиштата за прием на учениците, но и за непречена реализација на наставата која нема да биде само на едно оптимално ниво, туку на доволно квалитетно ниво за да се почувствуваат придобивките од новата Концепција за основно образование” – рече министерката Царовска.

Секаде каде што беше потребно, се реализираа или се во тек инфраструктурни работи, а во моментов се работи и на опремување на кабинети по природни науки во над 260 основни училишта. Веќе се набавени 10 000 таблети наменети за ученици од четврто одделение кои потекнуваат од семејства во социјален ризик за да можат да ги користат дигиталните учебници кои исто така се новина годинава.

Набавени се и мобилни станици за вода за дел од училиштата за подобрување на санитарно-хигиенските услови. Сите општини обезбедија доволно средства за дезинфекција и лична хигиена. Оваа година и учебниците се навремено доставени до сите училишта.

“Дистрибуцијата на учебниците кои не се дигитализирани сѐ уште, годинава започна навреме и за прв пат ќе биде целосно заокружена пред први септември. И во тој дел сме подготвени. Учениците и родителите ќе немаат грижа дали ќе се доцни со учебниците од кои ќе треба да го повторуваат материјалот кој го совладале за време на часовите” – рече Царовска.