ЗАМКА ВО ПРОЦЕСОТ НА ПРОШИРУВАЊЕ НА ЕУ Е БИЛАТЕРАЛНИОТ СПОР, ДИМИТРОВ: БУГАРСКАТА БЛОКАДА Е ИНВЕСТИЦИЈА ВО АНТАГОНИЗАМ А НЕ ВО ПРИЈАТЕЛСТВО

0
1426

Вицепремиерот за европски прашања, Никола Димитров денеска во Мадрид беше говорник на настанот “Идното проширување на ЕУ: изгледи и замки”.

“Низ нашиот трнлив пат, ја усовршивме трпеливоста бидејќи причината за одложување на почетокот на пристапните преговори не беше неисполнувањето на копенхашките критериуми, туку билатерален спор. Вложивме огромен политички капитал на основа на ветувањето од ЕУ, меѓутоа кога ветувањето не е исполнето, довербата станува проблем и ЕУ го губи своето влијание во овој стратешки важен регион.

Јасно е дека земјите членки имаат влијание во процесот на пристапување и да ги наметнат своите национални интереси, но дали тоа значи дека можат да поставуваат и услови кои се косат со европските вредности? Главната замка во процесот на пристапување е да стане заложник на билатерални прашања. Најдобар и единствен начин земјите да растат заедно, да станат помудри и позрели во политичка смисла е токму преку европскиот проект” – изјави вицепремиерот Димитров.

“Кога покрај петте прашања го поставувате и прашањето за дискриминација, а ние навистина немаме таков случај, го покренувате прашањето за пописот, а ние ги немаме резултатите од тој попис, тогаш изгледа Вие креирате мета во движење. Ако не го почитувате туѓото достоинство, навистина е тешко да сме пријатели. Ако предусловот за придвижување кон Европа не е во согласност со европските вредности и ако сме условени со македонскиот јазик, тогаш, сум го кажал ова и кај нас, за мене е подобро да не постигнеме напредок кон ЕУ, бидејќи тоа не е зачленување во заедница на вредности. Не можете да создадете антиевропски услов и да го претставувате како критериум за една земја да се приклучи во ЕУ и секако не откако ја искачивме големата планина, проблемот со името. Решението со Грција беше можно, ние ја додадовме придавката Северна, само затоа што Грција ги прифати нашето право на самоопределување и македонскиот јазик како македонски” – му одговори Димитров на бугарскиот амбасадор во Мадрид.