ЗАКОНОТ ЗА СОЦИЈАЛНА ЗАШТИТА ГИ ШТИТИ ИНТЕРЕСИТЕ НА ДЕЦАТА, ШАХПАСКА: ГИ ИНТЕГРИРАМЕ ДЕЦАТА ВО ЗГРИЖУВАЧКИ СЕМЕЈСТВА

0
895

Повеќе од 400 деца се вдомени во 287 згрижувачки семејства како хуман облик на грижа за децата кои беа сместени во институции. Има и 79 роднински згрижувачки семејства во кои се сместени 207 деца. Згрижувачките семејства се внесени во системот на социјална заштита во новиот Закон за социјална заштита од 2019 година.

По повод Меѓународниот ден на згрижувачките семејства и Денот на заштита на децата, министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска денеска го посети домот на Ана и Сашо Илиоски во скопската населба Лисиче кои пред три години згрижиле двегодишно дете.

Шахпаска изјави дека во државата има многу вакви хумани луѓе кои што даваат многу љубов преку толеранција, поддршка и безмерна и постојана грижа за здравјето на децата.

“Сакам да изразам огромна благодарност од страна на Министерството за труд и социјална политика и од Владата за бескрајната грижа што згрижувачките семејства им ја даваат на овие дечиња како облик кој е најблизок до нивните биолошки семејства. Пример е ова семејство што денеска го посетивме во кое благородните родители пред три години згржиле едно детенце кое имало отстапување во својот развој. За нецели три години тоа постигна вонредни резултати во својот развој, изразување на емоциите во јасен и разбирлив говор. Детенцето рамноправно со неговите другарчиња присуствува во градинка и со поддршка на логопед и психолог успева да ги надмине предизвиците во неговиот развој. Тоа кажува дека начинот на кој државата воспоставила механизам за грижата на децата преку згрижувачките семејства ги дава вистинските резултати” – изјави Шахпаска.

Сашо Илиоски, здрижувач на сега петгодишното дете, чиј дом го посети министерката Шахпаска, изјави дека со неговата сопруга пред три години одлучиле да згрижат дете зашто немаат биолошки деца. Рече дека детето е добро социјализирано, се дружи со други деца, говорот му станува сè побогат со зборови и сега веќе во реченици.