ЗАЕВ: ЗАЧУВАНИ СЕ 100 ИЛЈАДИ РАБОТНИ МЕСТА САМО СО ЧЕТИРИТЕ ПАКЕТИ ЕКОНОМСКИ МЕРКИ

0
1210

“Финансиските ефекти од владините пакет економски мерки покажуваат излез од кризата и заживување на економијата. Платите се зголемени во образованието, здравството, армијата, во приватниот сектор со субвенционирање на платите. Не можам да кажам дека е доволно но навистина е видливо и може да се направи разлика” – изјави попладнево премиерот Зоран Заев одговарајќи на пратеничко прашање и најави за наесен зголемување на буџетите и во правосудството.

На прашањето од пратеникот од редовите на СДСМ Мартин Костовски за тоа што донесоа политиките на Владата во делот на унапредувањето на работничките права, Заев нагласи дека еден од најголемите ефекти кои предизвика спирала на подигање на платите е Законот за минимална плата од 2017 година.

“Во 2017. год. имавме минимална плата 9 000 денари, сега таа е 15 200 денари и нема веќе сектори кои земаат плата под минималната како што беше пред 2017. Тоа значи зголемување од 6 000 денари или 72 000 по лице годишно кај секој работник. Зголемувањето на платите во основното и средното образование е за 2100 денари, 3200 во високото образование. Просечната плата во здравството ја зголемивме за 4700 денари, а во одбраната меѓу 3000 и 6000 денари зависно од работното место” – рече Заев.

Тој додаде дека социјалните работници добиваат плата поголема за 6 700 денари во однос на 2015-та, за воспитувачките за речиси 5 000 денари, а во земјоделството освен изедначувањето на минималната плата платите се зголемени за 4 600 денари. Преку субвенционирање на фирмите за зголемување на плати на работниците до 6.000 денари, 200 000 работници во државата имаат зголемени плати. Тој укажа и на решавањето на проблемот со Законот за стечајните работници со кој на вкупно 12 000 стечајци им се исплаќа 8 000 денари месечен надоместок, а се работи и на нов закон со кој ќе бидат опфатени и преостанатите стечајни работници. Со четирите пакети економски мерки сочувани се повеќе од 100 000 работни места, помогнати по разни основи се над 400 000 граѓани.

“Вкупно 65 милијарди денари директни се вбризгани во домаќинствата и во компаниите. Редовно е сервисиран буџетот, редовно се пуштени парите во оптек. Државата се има откажано од приходи за реализација на мерките и е подготвена и понатаму да развива мерки за помош на граѓаните, сиромашните, работниците, домашните претпријатија. Економско-социјалниот совет е отворен дури и за оние синдикати кои не се репрезентативни. Отворен и инклузивен процес на креирање на текстот на Предлог-законот за работни односи кој очекуваме следните месеци да заврши. Недела не само што ќе биде неработен ден за многу работници, туку и за оние кои ќе работат во недела зашто не може да се прекине процесот, ќе добијат гарантирано зголемена дневница, нешто што претходно не се случувано. Остварен е дијалог со синдикатите и сите претставници на работниците. Денес тие дискутираат со Владата и министерствата на инклузивен начин достапен за сите” – рече Заев.