ПРЕМИЕРОТ ЗАЕВ ВО ИНТЕРВЈУ ЗА ГРЧКИОТ МЕДИУМ АВГИ: НАШИОТ ЈАЗИК И ИДЕНТИТЕТ НИКОГАШ НЕ БИЛ И НЕМА ДА БИДЕ ПРЕДМЕТ НА ПРЕГОВОРИ

0
815

“Нашиот идентитет не е за преговори и никогаш нема да биде. Сé додека некој се обидува, а гледаме дека се обидува, македонскиот јазик и македонскиот идентитет да го стави на европската маса за преговори, ние нема да преговараме. Ние ги исполнивме сите критериуми за отворање на преговарачкиот процес по поглавја, добивме безусловна препорака за почеток на преговорите, испорачавме и сега е на ред ЕУ да испорача” – истакнува премиерот Зоран Заев во интервјуто за грчкиот медиум “Авги”.

На прашањето за евроинтеграцискиот процес на земјата, Заев нагласи дека за време на неговата европска агенда во Брисел изминатите два дена, сите највисоки претставници на институциите на ЕУ јасно потврдиле дека Северна Македонија ги исполни потребните услови за да ги започне преговорите за пристап и заслужува да продолжи во следната фаза на процесот без одложувања.

“Темите што го одложија овој процес се билатерални прашања и како такви не треба да се најдат на масата за која се разговара за пристапување на нашата земја во членство во ЕУ” – рече Заев. Тој е убеден дека грчкиот парламент наскоро ќе ги ратификува меморандумите за поддршка за забрзување на процесот на интеграција на Северна Македонија во ЕУ, за унапредување на економската соработка меѓу двете држави и Спогодбата за надгледување на небото над нашата земја како дел од заедничките политики во НАТО.

Тој во интервјуто говори и за огромните придобивки од Договорот од Преспа кој што отклучи огромен потенцијал за соработка меѓу двете земји, меѓу кои и исклучителната лоби поддршка на Грција за нашата земја да го започне пристапниот процес за членство во ЕУ.