ВНАТРЕПАРТИСКИ КАДРОВСКИ ПРОМЕНИ ВО СДСМ, ЗАЕВ: ШЕКЕРИНСКА ОДБИ ДА БИДЕ ДЕЛ ОД НОВОТО ПАРТИСКО РАКОВОДСТВО НА СДСМ

0
793

Премиерот Зоран Заев изјави дека тој и потаму ќе соработува со Радмила Шекеринска и покрај нејзината најава дека нема намера да се кандидира за трет мандат на позицијата заменик претседател на партијата, додавајќи дека со неа и со огромен процент од раководството се договориле да го обноват партиското раководство.

“Радмила Шекеринска ја најави оставката и во разговор со мене сподели дека нема намера да се кандидира за заменик претседател за трет мандат. Заедно со Радмила во 2013 година, јас како претседател, а таа како заменик претседател, презедовме да го водиме СДСМ во едно извонредно тешко време. Јас ја почитувам. Покрај сите други и ѓраѓаните, таа е една од најзаслужните за нашето членство во НАТО, за кандидатскиот статус со ЕУ, за добиената одлука за почеток на преговори со ЕУ, и за многу процеси во државата важни за граѓаните. Знам дека ќе продолжиме понатаму да соработуваме, таа е моја другарка, без разлика каде ќе се најде во иднина во СДСМ или во општеството. Во општеството сигурно, секако заради целото нејзино искуство и верувам дека на многу заеднички проекти или предизвици ќе соработуваме во периодот кој што претстои” – рече Заев.

“Му должиме на нашиот народ и на социјалдемократите нови ликови, да дадеме шанси на нови луѓе. Знаете дека и како кандидат за претседал на 21. март главната порака беше нова политика. Таа политика треба и кадровски и со конкретни чекори да ја покажеме. Луѓето сакаат во 21. век во третата деценија новини, инвентивност кои што ќе го забрзаат растот и развојот на државата, ќе донесат со подинамично темпо повеќе среќа, повеќе економски благодети кај нашиот народ. Тоа е наш заеднички концепт, ние до ден денеска работиме и ќе продолжиме да работиме без разлика кој во иднина како ќе биде поставен на своите обврски и одговорност” – истакна Заев.

Тој отфрли секаква поврзаност на случајот Рашковски со Шекеринска и посочи дека една од главните заложби на Владата е законот да важи еднакво за сите, потенцирајќи дека нема недопирливи, како што нема ни виновни додека не се докаже тоа.