ЗАЕВ: ПРВО ПОПИС ВО СЕПТЕМВРИ, ПА ФОРМИРАЊЕ КОАЛИЦИЈА ЗА ЛОКАЛНИ ИЗБОРИ

0
903

За евентуално коалицирање за локалните избори во втората половина на октомври, СДСМ ќе соопшти во септември по одржувањето на пописот, но претседателот на партијата Зоран Заев отсега повика на соработка. Одговарајќи на новинарско прашање дали на изборите СДСМ ќе настапи со некоја од партиите од албанскиот политички блок, тој денеска одговори дека е рано да соопшти сега и веројатно, тоа ќе се знае еден месец пред изборите кога, како што рече традиционално се дефинираат коалициските настапи и се избираат кандидатите за советници и градоначалници.

“Сè уште е рано. Кога ќе ги донесеме одлуките на нашите состаноци, веднаш ќе ги соопштиме. Но, тенденцијата ни е сплотеност и заедно и секогаш да настапуваме во духот нa едно општество за сите. И уште сега го испраќам повикот за соработка – предизборна и постизборна, зашто преку соработка и единство ќе можеме да постигнеме и поголеми успеси” – рече Заев.

Прашан за состојбите во СДСМ и дали има превирања бидејќи членови на партијата формираат независна советничка листа во Охрид, а и поради повлекувањето на Радмила Шекеринска од фунцијата заменик-претседател на партијата, Заев одговори дека Социјалдемократскиот сојуз е единствен и тоа е покажано во нивното секојднево функционирање.

“Но секако, различни сме во разноликоста на нашите ставови и размислувања и тоа нè прави најдемократска партија со докажани демократски начини на работење, однесување и функционирање. Листите за кои слушнавме во Охрид се порака, пред сè до Социјалдемократскиот сојуз и ќе разговараме во деновите пред нас, имаме неполни шест месеци до изборите. СДСМ секогаш по пат на единство ги извојувал победите, но и континуираните промени што се случуваат” – одговори Заев.

За откажувањето на Шекеринска од партиската функција, пак, рече дека веќе кажал оти ги прифаќа нејзините ставови и дека има огромни можности и аспекти за соработка во иднина.