ПОДДРШКАТА ПОРАДИ КОРОНА КРИЗАТА ЌЕ ПРОДОЛЖИ, ЗАЕВ: ОБЕЗБЕДЕНИ СЕ ПАРИ И ЗА ШЕСТИ ПАКЕТ ЕКОНОМСКИ МЕРКИ

0
104

“Државата е финансиски ликвидна и стабилна и во буџетот има доволно средства за исплата на шестиот пакет економски мерки за туристичко-угостителскиот сектор во вредност од 17,8 милиони евра” – оцени денеска премиерот Зоран Заев.

“Буџетот е финансиски ликвиден и државата е солвентна. Приходите во државата редовно се наплаќаат и се зголемени во текот на март и април. Средства има и од обезбедените кредитни линии коишто ги имаме, а на располагање се и средствата од продажбата на еврообврзницата од 700 милиони евра со историски најниска камата од 1,625%. Од нив во јуни 500 милиони враќаме за стара обврзница, а другите се токму за покривање на буџетските потреби. Исто така и од домашниот пазар обезбедивме 100 милиони во редовните планови, затоа бројките се поклопуваат согласно планот и буџетот” – рече Заев во одговор на прашање по пуштањето во употреба на фотоволтаичната централа во село Теново, општина Брвеница.

“Најголем дел од средствата ги обезбедуваме од штедење на не така продуктивните трошоци во државата. Лани го правевме тоа и оваа година го правиме. Секаде се крати и денеска апелирам до сите министерства да преземат чекори на кратење на непродуктивните трошоци или не така итни или важни трошоци во своите портфолија или буџети” – рече Заев.