ЗАЕВ: ЌЕ СЕ ОБИДЕМЕ ДА НАЈДЕМЕ РЕШЕНИЕ СО БУГАРСКАТА ПРИВРЕМЕНА ВЛАДА

0
834

“По цена на македонскиот идентитет и македонскиот јазик не ни треба Европска Унија, затоа што ќе бидеме прашина изгубена низ ветрот и кој тогаш ќе влезе во ЕУ? Тоа сме го кажале и досега. Така ги постигнавме и големите договори, штитејќи ја нашата национална посебност, македонскиот јазик и македонскиот идентитет. Затоа што е тоа право на самоопределување, тоа е чувство и не постои договор којшто го договара начинот како се чувствуваме и каков јазик зборуваме. А тоа е и европска вредност” – рече премиерот Зоран Заев во однос на спорот со Бугарија и европерспективата на земјава.

За пораките од ЕУ и САД, Заев смета дека тие ни се пријатели и стратешки партнери кои се тука да разработат креативни идеи, да споделат со нас искуство, но наша е конечната одлука и ние ја носиме.

Иако Бугарија повторно ќе оди на парламентарни избори, тој се надева дека може да изнајдеме решение со привремената Влада која ќе ја постави претседателот Румен Радев.

“Затоа што очекуваме да бидат одговорни политичари со кои ќе можеме да седнеме и да изнаоѓаме решение. Проблемот е нерационален и мора да најдеме решение. Интерес и на Бугарија е Северна Македонија да биде членка на Европската Унија и да се интегрира во меѓународните организации како што е ЕУ. Тоа е во интерес и на бугарскиот народ, не само на македонскиот. И од тој аспект верувам дека ќе го изнајдеме решението” – нагласи Заев.