МАСОВНАТА ВАКЦИНАЦИЈА НЕМА ДА СЕ ПРЕКИНЕ, ЗАЕВ: ДО КРАЈОТ НА АПРИЛ, ВКУПНО 300 ИЛЈАДИ ВАКЦИНИ ЌЕ СТИГНАТ ВО СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА

0
681

Премиерот Зоран Заев очекува во текот на овој месец во земјава да стигнат околу 300 илјади вакцини од различни производители и процесот на масовна вакцинација да тече непречено. Во моментов согласно количината на вакцини што ја имаме капацитетите на вакциналните пунктови не се целосно искористени. Кога тоа ќе се случи има можност да се отворат нови пунктови и во главниот град и во внатрешноста.

“Очекуваме во текот на април да пристигнат повеќе од 300 илјади вакцини. Очекуваме да стигнат првите вакцини од од 651 илјада од Европската унија наменети за Западен Балкан од кои за нашата земја се 100 илјади. Се надевам дека следните денови или следната седмица ќе стигнат 20-25 илјади од нив, бидејќи неколку пати напоменуваме дека не зависи тоа од нас туку и од испорачателот” – рече Заев.

Тој вели дека се очекува да пристигне и првата пратка од вакцините од Фајзер со кој државата има договор за 800 илјади вакцини, како и втората пратка преку Ковакс механизмот. Според Заев, се очекува да стигнат и 200 илјади кинески вакцини планирани за овој месец како и значителна количина од Спутник В, за која има договор за 200 илјади дози.

Како што истакна премиерот, недостигот на вакцини предизикува проблем и во Германија, Америка, Кина, Русија и секаде во светот и поради тоа не може да се бара одговорност за недостиг на вакцини во земјава.