ЗА ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ СЕ ТЕРОРИСТИ САМО КОГА НЕ СЕ ВО КОАЛИЦИЈА СО НИВ, АРНА ШИЈАК: БАРАМЕ ОСЛОБОДУВАЊЕ НА НАШИТЕ ПАТРИОТИ И ПРЕДВРЕМЕНИ ПАРЛАМЕНТАРНИ ИЗБОРИ

0
1318

Актерката Арна Шијак побара слобода за осудените за крвавите инциденти и упадот во Собранието на 27. април пред четири години. Таа кажа дека за неа е неприфатливо осудените да бидат во затвор, додека терористите од 2001 година да бидат во законодавната, извршната и судската власт.

Шијак во името на демонстрантите и организаторите побара предвремени парламентарни избори заедно со локалните во октомври годинава.

“Поради велепредавството на името на државата, Македонија и идентитетот на македонскиот народ со договорот Заев-Борисов од први август 2017 година и спогодбата Димитров-Коѕијас од 17 јуни 2017 година, поради суспензијата на референдумот од 1991 година и референдумот од 2018 година, поради криминалот и корупцијата, поради политичката, здравствената и економската криза, поради сиромаштијата, мафијата, емиграцијата, поради непријателската трансформација на една суверена држава во криминална територија, бараме распуштање на Собранието и предвремени парламентарни избори заедно со локалните избори оваа година” – рече Шијак.

Таа кажа дека Македонците од светот и во земјава се обединети на протестот и дека Господ е со нив.

“Неприфатливо е водачите на “За заедничка Македонија” да бидат осудени за кривично дело терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста, а терористите од војната во 2001 година да бидат дел од законодавната, извршната и судската власт. Патриотите не се терористи. Тие се родољуби, има разлика. По повод годишнината во Собранието на 27. април 2017 година, Македонците по род и државјанство, во татковината и светот, се единствени и обединети во организацијата на овој семакедонски народен протест и слобода на уставобранителите. Ова е борба за правда и слобода на татковината. Ова е борба за слобода и победа за Македонците и Македонија” – додаде Шијак.