Windows 10 ќе биде достапен етапно, први на ред се Windows Insider корисниците

0
652

Развојот на Windows 10 завршува овој месец, а финалната верзија на оперативниот систем за сите корисниците е најавено дека ќе биде достапна од 29-ти јули. Меѓутоа, според најновите информации објавени од Terry Myerson преку неговиот блог, нема сите корисниците веднаш да ја добијат надградбата.

windows-101

За потсетување, Windows 10 ќе биде достапен како бесплатна надградба за сите корисниците на лиценциран Windows 7 со SP1 надградбата инсталирана и корисниците на Windows 8.1.

Можеби и очекувано, први кои што ќе ја добијат финалната верзија од Windows 10 ќе бидат околу 5 милиони Windows Insider корисници кои што го тестираат оперативниот систем изминатите месеци. Тие веќе го користат Windows 10, па може да се каже дека надградбата на финалната верзија кај нив ќе помине без никакви проблеми.

Останатите корисници ќе ја добиваат надградбата етапно, односно во бранови како што истакнува Тери во блогот. Тоа значи дека секој ден надградбата ќе биде пуштана кај нова група на корисници, па може да се очекува дека сите заинтересирани ќе ја добијат истата во наредните недела до две од 29-ти јули.

W10_Laptop_AUX_Clock-02

Во овој случај се работи за корисниците кои што ја имаат направено резервацијата достапна преку постарите верзии од Windows. Останатите исто така ќе бидат известени дека нивниот уред може да биде надграден на најновата верзија од Windows.

Корисниците ќе бидат известувани по проверката за компатибилноста на нивниот уред, па доколку има проблем со одредени драјвери или апликации, ќе им биде објаснето како да биде решен проблемот. Овие корисници сепак ќе можат да ја направат надградбата и покрај одредени некомпатиблности, па потенцијалните проблеми да ги решат понатаму.

До крајот на овој месец ќе биде спремна и RTM верзија од Windows 10, односно верзијата која што се користи од страна на производителите на уреди. Тие ќе можат да почнат да продаваат уреди со Windows 10, а исто така ќе можат да им овозможат и надградба на тие кои што имаат купено уред со Windows 8.1

X20-40513-Packaging-LABEL-WIN-HOME-10-English-BTS-RDX-Demo-01

За овие уреди од Microsoft имаат спремно и нова налепница која што ќе означува дека производителот го има тестирано уредот со Windows 10, па корисниците ќе можат да бидат сигурни дека уредот што го купуваат ќе може да биде надграден, а и дека за тоа уредот е тестиран и нема да има проблеми.

Деловните корисници, како и тие од образовните институции, за кои што се достапни посебни верзии од Windows 10 ќе можат да го добијат системот почнувајќи од 1-ви август. Овие корисници сепак не се дел од бесплатната понуда, па ќе мора да платат за лиценца како што и досега имаат правено.

Извор: Windows Blogs