WARSTRIDE CHALLENGES КРИЕ ПАРКОР АКЦИЈА ВО СЕРИЈА ОД ВРТОГЛАВИ ТРКИ И СОДРЖИТЕЛЕН ЕДИТОР

0
328

FPS и parkour ентизијасти, сега ја имате екслузивната можност да се обедините со најновото остварување на Dream Powered Games и Focus Entertainment. Warstride Challenges е FPS акција каде трчате, скокате, успорувате време, избегнувате замки, се лизгате и убивате непријатели со различни оружја, се со цел да се понуди адреналинска акција и супериотно чувство на брзина.

Трчај, нишани, пукај!

Како игра која е дел од раниот пристап на Steam, Warstride Challenges може да понуди изобилство од забава, и преку кампањата и преку мултипеерот.

Кампањата се состои од туторијал, бонус левели и три огромни поглавја. Секое од поглавјата има по десетина левели, а секој левел има по пет нивоа на тежина. На почетокот, левелите се исклучително кратки и се состојат во побрзо преминување од точка А до точка Б, но и убивање на сите непријатели. Движењето е исклучително флуидно и ви дозволува преминување огромни далечини преку задоволителни скокови и лизгања.

Покрај флуидното движење, и пукањето е издигнато на високо и крајно задоволително ниво; бројните оружја и нивните ефекти како да се извлечени од најновата DOOM игра и пружаат впечатливи моменти за ефикасно ликвидирање на разноликите непријатели. За уште подобар спектакл, можете да го успорите времето и да центрирате погодок со мајсторска прецизност.

Со вашето напредување, се усложнува и комплексноста на левелите и потребно е учите од грешките, да го паметите дизајнот на мапите и да ги подобрувате вашите рефлекси.

Брзината е клучна!

Во секој левел, добивате медали во зависност од брзината и ефикасноста со која сте стигнале до целта. Собирање одреден број медали отклучува нови левели, но и нови тежини на претходно поминати левели. Вреди да се поминат левелите со повисока тежина бидејќи се работи за целосно различно и попредизвикувачко сценарио каде дизајнот би бил поразличен и со дополнителни непријатели и цели.

Warstride Challenges имате и таканаречен Nemesis систем. Преку овој систем можете да го следите времето на вашите пријатели, па дури и омилени стримери. Паралелно со ова, можете да наместите во левелите да го гледате духот на вашиот стример, односно правецот и начинот на кој тој се движел низ мапите. Прекрасна и забавна механика која дополнително ве охрабрува да бидете подобри да ги срушите нивните рекорди.

Содржително Multiplayer надополнување

Доколку барате нешто поконкретно од следење духови на вистински играчи низ левелите од кампањата, би можеле да си ги испробате вештините во чистокрвен мултиплеер каде ги предизвикувате непријателите во епски трки. Се што споменавме во горните редови го имате и тука, но во хаотична смеса со уште седум други вистински играчи. Да бидеме искрени, иако бевме презадоволни со кампањата, мултиплеерот е забава на целосно ново ниво, а играта навистина се труди да го издигне хајпот за епски трки и графичко исполнителни ликвидации.

Warstride Challenges ни остава впечаток на игра која има желба да не направи FPS професионалци и нуди арсенал од можности се додека не се трансформирате во вистински FPS ветеран. Па така, на почетокот можете да вклучите бројни помошни механика за да ви се прилепува нишанот до непријателите, подолго да го успорувате времето, да не репетирате и ред други работи, но како стануваат левелите ваша втора природа, така можете да деактивирате некои од овие помошни алатки и да ја однесете акцијата на малку понапредно ниво.

Детален и напреден креатор на мапи

Тука никако не е крај на забавата. Откако ќе завршите со левелите во кампањата, Warstride Challenges се одликува со длабок систем за создавање детални мапи во кои инстантно можете да навлезете, да видите што и како сте направиле, а потоа и да ги споделите мапите со заедницата.

Преку Level Editor-от можете да поставувате цели соби, а и да ги проширувате истите со најразлични ѕидови, врати и прозорци, како и да вметнувате бројни декоративни предмети, но и непријатели. Во моментот кога сакате да проверите што сте направиле, Alt+P инстантно ве вметнува во вашата мапа. Уште сега, на располагање имате еден куп мапи направени и оценети од заедницата, така да крајот на кампањата во Warstride Challenges значи само почеток на забавата.

Повеќе детали за играта

  • Произведува: Dream Powered Games
  • Издава: Focus Entertainment
  • Жанр: FPS, мултиплеер, акција
  • Платформа: Windows, конзоли
  • Излезена на: 7 септември 2023