ВРЕДНО И ДОМАЌИНСКИ, БИТОЛСКАТА ЛОКАЛНА ВЛАСТ РАСЧИСТИ ДОЛГОВИ ОД 4,4 МИЛИОНИ ЕВРА НА ОСНОВНИТЕ И СРЕДНИТЕ УЧИЛИШТА, А ВМРО-ДПМНЕ САМО ГЛАСАШЕ ПРОТИВ ЗАВРШНИТЕ ИЗВЕШТАИ

0
1232

Без долгови и блокирани сметки, за прв пат се усвоени завршните сметки на битолските основни и средни училишта. Ситуација на чисти сметки во училиштата се случува по речиси десетина години, откако минатата локална власт во Битола натрупа над 4,4 милиони евра долгови во повеќе училишта во градот и општината. Конечно салдото покажува нула, битолското образование не должи никому. Ваквата ситуација ги остави без зборови советниците од опозицијата, па на расправата за завршните сметки не кажаа ниту збор во Советот и гласаа против.

“Битолските советници од опозицијата предводени од ВМРО-ДПМНЕ не се вклучија во дебатата, зашто немаа образ да критикуваат. Занемеа пред фактите” – вели претседателот на Советот, Валентин Груевски од ЛДП.

“Кога опозицијата пет месеци пред локални избори бега од дебата и не дискутира за еден важен сегмент од локалната самоуправа, образование, тогаш навистина останала без аргументи, онеме пред вистината. За прв пат оваа година битолските училишта се без долгови, без блокирани сметки. Со самото тоа што не дискутираше, опозицијата призна дека нема аргументи и дека нема што да се зборува” – вели Груевски.

Советничката од СДСМ, Виолета Дракалска рече дека не ѝ е прв пат на опозицијата да молчи за завршните сметки на училиштата зашто само во едно од основните училишта, “Гоце Делчев” – Битола, имаше долг од 1,1 милиони денари и пет години блокирана сметка.

Помошта што општина Битола ја доби од централната власт од 2,5 милиони евра беше клучна за одблокирање на училиштата.

“Сето ова што го гледаме денес во битолското образование беше научна фантастика за поранешната власт. Стечај беше првата опција за училиштата ако тие функционираа како претпријатија. Должеа десетици илјади евра по сите основи, па се платија големи суми и кон извршителите. Тоа беше цената на јавашлукот на претходната власт од што произлезе и случајот Транспортер. Вложивме многу и решивме многу проблеми, како и проблемот со превозот кој во минатото служеше за полнење нечии џебови” – рече Дракалска.