Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) им даде рок од 90 дена на трговците со мазут: РКМ ДООЕЛ Скопје, Супертрејд ДООЕЛ увоз-извоз Скопје, Пертинакс ДООЕЛ Скопје, Ли Оил ДБ ДООЕЛ увоз-извоз Кавадарци, да се усогласат со Правилникот за нивото и начинот на пресметка на оперативните резерви.
Во утврдениот рок од 90 дена, трговците на големо со мазут мора да ги обезбедат потребните количини на оперативни резерви на мазут во своите складови според методологијата утврдена во Правилникот.
“Иако согласно Правилникот се дозволува рок од најмногу шест месеци во кој компанијата ќе го усогласи своето работење со законските прописи, РКЕ го скрати овој рок и ги задолжи трговците на големо за 90 дена да достават доказ, записник од Државниот пазарен инспекторат дека ги поседуваат потребните оперативни резерви на мазут. Доколку по утврдениот рок некој од трговците не ги обезбедат резервите, ќе им биде одземена лиценцата за работа” – изјави претседателот на РКЕ, Марко Бислимовски.