ВО ТЕК Е ЛЕТНА ГРАДЕЖНА ОФАНЗИВА ВО СКОПЈЕ, ШИЛЕГОВ: БУЛЕВАРОТ БОРИС ТРАЈКОВСКИ СЕ ПРОШИРУВА И РЕКОНСТРУИРА ДО ДРАЧЕВО

0
1295
Градот Скопје почна проширување и реконструкција на булеварот “Борис Трајковски” на потегот од крстосницата во Пинтија до мостот на Маркова река пред Драчево. На овој потег со вкупна должина од 2325 метри ќе се изврши целосна замена на стариот асфалт со нов, проширување од две на четири коловозни ленти, изградба на пешачки патеки од двете страни на булеварот и велосипедска патека од едната страна. Kрстосницата пред мостот кај Драчево ќе биде заменета со кружен тек со дијаметар од 20 метри.
“Овој булевар е една од артериите во нашиот град, кон него гравитираат педесетина илјади жители и поради тоа сметам дека со изградбата на оваа делница ќе го олесниме и осовремениме животот во овој дел од градот. Дополнително на булеварот “Борис Трајковски” на делот што сега го работиме, ќе биде поставена нова канализациска мрежа, и атмосферска и фекална. Изградбата планираме да трае неполни две години, бидејќи овде имаме и експропријација и отстранување на оградите. Градежните работи ќе чинат 212 милиони денари без ДДВ, средства кои се предвидени во Буџетот на Градот Скопје” – рече градоначалникот Петре Шилегов.
Во текот на оваа градежна сезона ќе се градат или реконструираат 11 градски сообраќајници во неколку скопски општини.