ВО НОВАТА ГОДИНА СЛЕДИ И ПОСКАПУВАЊЕ ОД 14,05% НА ПАРНОТО ГРЕЕЊЕ ЗА СКОПЈЕ, РКЕ: ВЛАДАТА И СКОПСКИТЕ ОПШТИНИ ДА ПОМОГНАТ ЗА ДА НЕМА ЦЕНОВНИ ШОКОВИ

0
667

Цената на парното греење за скопјани од утре се зголемува за 14,05%, тоа е одлуката на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ). Процентот на зголемување на цената е ист за трите компании кои ги снабдуваат граѓаните со топлинска енергија  – Балкан енерџи груп (БЕГ), ЕСМ Енергетика и Скопје Север.

Претседателот на РКЕ, Марко Бислимовски рече дека основен критериум за формирање на цената на парното греење е цената на природниот гас која лани просечно се движела околу 240 долари за кубен метар а годинава на БЕГ производство му е понудена цена од 1480 долари. При формирањето на цената за крајните потрошувачи, РКЕ во калкулација внела цена на гасот од 340-350 долари за нормален кубен метар.

“РКЕ не може да прифати ценовни шокови и значително зголемување на цената на топлинската енергија и не може товарот да го префрли само врз потрошувачите. Доколку ја вкалкулиравме ваквата цена на природниот гас од 1480 долари во крајната цена, за топлинската енергија ќе требаше да има зголемување од околу 190%, но тоа не е опција и решение само ќе ги влоши состојбите и во секторот за топлинска енергија и во секторот за природен гас. Затоа се одлучивме да побараме помош од Владата, Град Скопје и скопските општини да помогнат да се надмине разликата во цената и високиот трошок за набавка на гас” – рече Бислимовски.

Владата треба да преземе чекори во наредниот период за да се покрие трошокот за парно греење.

“Барам и апелирам до Градот Скопје и до општините на Градот Скопје да помогнат за покривање на дел од трошоците за топлинска енергија во Градот Скопје” – рече Бислимовски.

Просечниот трошок за набавка на природен гас во 2021 година изнесуваше околу 2 милиони евра, а за јануари 2022 година ќе изнесува дури 13,8 милиони евра. Со одлуката на РКЕ, се признава трошок од околу 4 милиони евра. Разликата од околу 9 милиони евра ќе ја надополнат Владата и општините на Град Скопје.