ВО АЛБАНИЈА ЗАПЛЕНЕТ КРИМИНАЛНО СТЕКНАТ ИМОТ ВРЕДЕН МИЛИОНИ ЕВРА И 6 ТОНИ ДРОГА: УАПСЕНИ 28 ЛИЦА ОД 4 МОЌНИ КРИМИНАЛНИ ГРУПИ, МЕЃУ НИВ И ОБВИНИТЕЛ И ПОЛИЦИСКИ ФУНКЦИОНЕРИ

0
1094

Запленет имот вреден милиони евра, ресторани, хотели, супермаркети, четири компании, градежно земјиште и притворени лица е билансот од големата акција “Душа”, завршена во утринските часови од страна на албанското специјално обвинителство (СПАК) во соработка со италијанската полиција во четири земји: Албанија, Италија, Црна Гора и Шпанија.

“Денеска е запленет голем имот, главно во градовите Валона, Каваја, Тирана, Тепелена, Ѓирокастро и Скрапар. Има 11 недвижнини, ресторани, хотели, супермаркети, градежно земјиште, четири компании со нивните средства и некои други имоти во вредност од над 3 милиони евра. Документирано е дека тие се стекнати директно како резултат на приходите од криминални активности. Во текот на истрагата во четирите земји запленети се 6 тони наркотични средства, во вредност од 55 милиони евра” – изјави Владимир Мара од СПАК.

Уапсените 28 албански државјани биле дел од 4 моќни криминални групи. Меѓу нив се обвинител, полициски функционери, како и две лица од обезбедувањето на поранешниот министер за внатрешни работи Саимир Тахири, кому му се судеше за вмешаност во недозволена трговија со дрога.

Директно инволвиран во трговијата со дрога бил Илирјан Бала, прв човек на секторот за борба против недозволена трговија со наркотици, кому му е изречена мерка домашен притвор исто како и на обвинителот од Валона, Максим Сото.