Во гаснењето на пожарите кои беснеат во многу области низ Албанија од денеска вклучени се И хеликоптери од Холандија и Чешка.
“Од претпладнето во гаснењето на пожарите вклучени се и 3 хеликоптери од Холандија и Чешка и тоа во гаснење на реактивираното жариште на планината Дукат и на пожарот во селото Ѓорос кај Фиер. Активни се повеќе пожари, дел од нив реактивирани, но ситуацијата е под контрола” – се вели во соопштението на албанското Министерство за одбрана.
Со хеликоптерите пристигнале и над 50 припадници на армиите на овие земји кои им се придружија на стотиците албански војници кои што со денови се вклучени во гаснење на пожарите.
Состојбата е најкритична на островот Карабрун, каде пожарот е активен со денови, а од синоќа е под контрола и пожарот во близина на тунелот Калимаш.
Во изминатите две недели изгаснати се околу 140 пожари, а денеска активни се 15-тина. Поради сомнеж дека предизвикале пожари, кривични пријави
се поднесени против 11 лица.