ВЛАДИНОТО МНОЗИНСТВО ЌЕ БИДЕ СТАБИЛНО ДО 2024-ТА ГОДИНА, АРТАН ГРУБИ: ЌЕ ГО ПОЧИТУВАМЕ ИЗБОРОТ НА ЧЛЕНОВИТЕ НА СДСМ ЗА НОВ ЛИДЕР, НО ЗАЕВ ДА ОСТАНЕ ПРЕМИЕР УШТЕ НЕКОЛКУ МЕСЕЦИ

0
748

Првиот вицепремиер Артан Груби изјави дека ќе ја почитуваат волјата на членовите на СДСМ за нов лидер и им посака голем успех на 12-ти декември на внатрепартиските избори.

“Ние ќе ја почитуваме таа одлука и ќе го прифатиме секако вердиктот на сите нивни членови коишто ќе одлучат кој ќе биде нивниот следен лидер на 12-ти декември. Во однос на оставката на местото премиер на Владата на Република Северна Македонија, сметаме дека за тоа треба да се почека. Имаме многу битни прашања пред нас во месеците коишто следат и сметаме дека заедно со г. Заев на чело на таа Влада ќе треба да ги заокружиме сите тие процеси, вклучително и испраќање на позитивен одговор на сите прашања кои што се дел од дијалогот со соседна Бугарија за да се откочи патот кон добивање на датум за првата меѓувладина конференција и започнување на преговори за членството во ЕУ” – рече Артан Груби.
“Во однос на парламентарното мнозинство, ги видовте и вчера ставовите и на СДСМ и на Алтернатива, а тоа ние веќе го кажуваме од денот кога имаше интерпелација на Владата, дека парламентарното мнозинство е стабилно и ќе продолжи и тоа го демонстриравме најдобро можно на денот кога требаше да се гласа во Собранието. Впрочем со тоа ги убедивме граѓаните дека е неуспешна иницијативата на опозицијата за да се сруши ова прогресивно парламентарно мнозинство и очекуваме дека и другите политички партии кои што беа дел од таа иницијатива, да се приклучат кон парламентарното мнозинство и да не станат дел од мрачни сценарија за нашата земја која што очекува да го реши спорот со Бугарија” – смета Груби.

“И ние сме имале контакти со членови на партијата Алтернатива, секојдневно се среќаваат нашите пратеници со нивните пратеници. Како што реков, апсолутно добредојдени се сите што саката евроатлантска Република Северна Македонија, во добри односи со сите соседи и во одлични односи помеѓу заедниците во нашата земја. Сите тие пратеници кои што сакаат таква една развојна прогресивна Македонија, се добредојдени затоа што само така ќе ја унапредиме државата” – рече Груби.

“Апсолутно не е време за кризи. Време е да ги засукаме ракавите и навистина да испорачаме како што испорачавме НАТО, како што испорачавме со Преспанскиот договор така и да испорачаме и со Добрососедскиот договор. И Охридскиот рамковен договор го испорачавме. Граѓаните немаат време да се тормозат од трагедија па сѐ до неизвесности. Мора да има извесност во нашата држава каде и што ќе се случи утредента, а тоа што утредента е единствената желба на сите граѓани е да ја видат нашата држава во ЕУ” – изјави Груби.

Парламентарното мнозинство ќе се стабилизира, ќе биде поголемо од тоа што е сега и ќе треба да го заврши мандатот во 2024 година.