ВЛАДАТА ПОЧНУВА МЕДИУМСКА КАМПАЊА ЗА БОРБА ПРОТИВ КОРУПЦИЈАТА, ПРИЈАВУВАЊЕ И КАЗНУВАЊЕ, ЗАЕВ: ОЧЕКУВАМЕ ГОЛЕМА ПОДДРШКА И ОД ГРАЃАНИТЕ КОИ ШТО ТРЕБА ДА ГИ ПРИЈАВУВААТ СИТЕ СОМНЕЖИ ЗА КОРУПЦИЈА

0
631

Владата започнува со медиумска кампања со порака “Сега сѐ е јавно, корупцијата не се исплати”, која ќе биде насочена кон намалување и искоренување на оваа штетна појава во општеството. Со неа ќе се охрабруваат граѓаните и јавната администрација за заштитни механизми, борба и отпор против корупцијата.

Со комуникациска стратегија ќе се информира јавноста да ја препознае и пријави корупцијата таму каде што постојат основани сомнежи. Веќе изработени се три спота во кои се претставени случаи на корупција и заштитните механизми, a ќе биде креирана и посебна веб-страница.

Премиерот Зоран Заев заедно со вицепремиерот задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси Љупчо Николовски ја промовираше кампањата и порача дека Владата и граѓаните се на иста страна во борбата против корупцијата.

“Не постои ситна или голема корупција, ниту пак различен пристап меѓу големата и малата корупција. Пристапот е единствен, на корупцијата мора да и’ ставиме крај без разлика од каде доаѓа и кои се нејзините димензии. Мора да им се застане на патот на сите кои го корумпираат општеството, а тоа го можеме само заедно” – истакна премиерот Заев на прес-конференцијата во Владата.

“Никој не е заштитен и мора со заеднички сили и со помош на граѓаните да се искорени оваа појава. Најсилната помош која треба да ја добиеме е од граѓаните. Тие треба да пријавуваат” – порача Заев.

На кампањата треба да се гледа како на дел од остварувањето на приоритетите утврдени во Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси 2021-2025.