ВЛАДАТА ОДОБРИ ПОМОШ ОД 1 МИЛИОН ЕВРА ЗА СОЦИЈАЛНО РАНЛИВИТЕ КАТЕГОРИИ ЗА ПОДМИРУВАЊЕ НА СМЕТКИТЕ ЗА СТРУЈА

0
1111

“Најранливите категории на лица со ниски примања кои не се приматели на гарантирана помош согласно закон ќе добијат парична помош, односно намалување на месечната сметка за потрошена електрична енергија во износ од 600 денари или 800 денари месечно, во зависност од големината на домаќинството. Ова го предвидува владината програма за ранливи потрошувачи на енергија за 2022 година, донесена на денешната седница на Владата” – изјави министерот за економија Крешник Бектеши.

За таа цел се предвидени 60 милиони денари или околу 1 милион евра и и ќе им се помогне на 7500 домаќинства во следните 12 месеци.
Помошта ќе се однесува на лица чии редовни месечни примања не го надминуваат нето приходот: за самец до минимална плата, за домаќинство со два члена до 18 000 денари, за домаќинство до три члена до 21 000 денари, за домаќинство со четири члена до 25 000 денари и за домаќинство со пет члена или пак повеќе члена до 30 000 денари.

“Лицата со ниски примања за самец, домаќинство со два члена и за домаќинство до три члена се стекнуваат со намалување на месечната сметка за потрошена електрична енергија во износ од 600 денари месечно, а лицата со ниски примања за домаќинства со четири члена и за домаќинства со пет члена или повеќе члена се стекнуваат со право на намалување на месечната сметка за потрошена електрична енергија во износ од 800 денари месечно, сметано од денот на поднесувањето на барањето” – рече министерот Бектеши.