ВЛАДАТА ОДОБРИ ЕДНОКРАТНА ИСПЛАТА НА 1,8 МИЛИОНИ ЕВРА ЗА ТУРИСТИЧКИ АГЕНЦИИ, РЕСТОРАНИ ЗА СВАДБИ И НОЌНИ КЛУБОВИ

0
754

Владата на 92-та седница донесе одлуки за трите јавни повици со кои се одобрува исплата на еднократна финансиска помош за лиценцирани туристички агенции, ресторани за свадби и за ноќни клубови кои поднесоа барања за финансиска поддршка во време на пандемија. Вкупно ќе бидат помогнати 382 правни субјекти од овие категории, а висината на поддршката изнесува речиси 111 милиони денари или 1,8 милиони евра.

Најголем број на апликации имало на јавниот повик за лиценцирани туристички агенции, вкупно 261 од кои 258 барања се прифатени, за 163 туристички агенции со лиценца А и 95 туристички агенции со лиценца Б. Износот на средства кој е доделен е во зависност од остварениот вкупен приход во 2019 година, бројот на вработени и видот на лиценцата и изнесува од 60 000 до 300 000денари за правен субјект. Вкупниот износ за овие субјекти изнесува 50 880 000 денари.

За јавниот повик за финансиска поддршка на категоризирани ресторани за свадби аплицирале вкупно 120 правни субјекти, а прифатени се 107. Како основа за пресметка на поддршката се земаат просечните месечни приходи остварени во 2019 година. Висината на поддршката се пресметува како износ од 30% од просечниот месечен приход. За субјектите кои ќе поднесат пријава на овој повик, а кои се регистрирани во текот на 2019 година, основ за пресметка се просечните месечни приходи од денот на основање до крај на 2019 година. Исто така секој регистриран активен субјект добива финансиска поддршка во износ од 15 200 денари по вработен. На 107 категоризирани ресторани за свадби ќе им биде исплатена финансиска поддршка од 51 650 798.

На јавниот повик за лиценцирани кабареа, ноќни барови, диско клубови и диско клубови на отворен простор барања за финансиска поддршка поднесоа 17 правни лица. Висината на поддршката се пресметува како износ од 30% од просечниот месечен приход. Секој регистриран активен субјект ќе добие и финансиска поддршка во износ од 15 200 денари по вработен. За оваа категорија ќе се исплатат вкупно 8 324 480.