ВЛАДАТА ИМ ИЗЛЕЗЕ ВО ПРЕСРЕТ НА ОПШТИНИТЕ ЗА ДА СЕ РАСТОВАРАТ ОД ДОЛГОВИ, ЗАЕВ НА ТРИБИНА: СЕ ФИНАНСИРААТ 99 ИНФРАСТРУКТУРНИ ПРОЕКТИ ВО 75 ОПШТИНИ НИЗ ЦЕЛА ДРЖАВА

0
749

“Владата им излезе во пресрет на општините кои долги години тонеа во долгови, преку обезбедување 50 милиони евра неповратни средства, што им овозможи да се посветат на планови за развој на локалната самоуправа” – изјави премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев на трибина под мотото “Најдоброто за нашата општина”.

“Долги години општините тонеа во долгови, новите градоначалници ја трошеа енергијата за да најдат начин да ги враќаат долговите. Решивме да им излеземе во пресрет и како Влада обезбедивме 50 милиони евра за помош на општините. Секоја општина доби неповратни средства за да покрие 51% од пријавените долгови. Тоа многу ја олесни работата на градоначалниците и тие се посветија на проекти и планови за развој на локалните самоуправи” – изјави Заев.

Тој истакна дека СДСМ ја има честа и одговорноста четири години да ја предводи централната власт, но и локалните администрации во 56 општини и градот Скопје.

“Поддршката на Владата кон единиците на локалната самоуправа, вклучувајќи го и Градот Скопје е континуирана и ефикасна, насочена кон развој, екологија, почиста животна средина, почист воздух” – рече Заев.

Се имплементира проектот за изградба и санација на локални патишта и улици во општините со вкупна должина од 450 километри. Со 70 милиони евра средства од Светска Банка, секоја општина има на располагање до 2 милиони евра, а 35 милиони евра се обезбедени за финансирање локални проекти преку пренамена на средства од ТАВ кои што беа предвидени за изградба на карго аеродром.

“Со оваа наша одлука се финансираат 99 проекти во 75 општини, проекти за изградба и реконструкција на локална патна инфраструктура, за водоснабдителна мрежа, за канализациони мрежи, за реконструкција, изградба на градинки и училишта и спортски објекти, за реконструкција и изградба на здравствени установи и за други проекти што ги предложија општините” – рече Заев.