ВЛАДАТА ДОНЕСЕ ОДЛУКА ДА ИМ ПОМОГНЕ И НА ЕСТРАДНИТЕ УМЕТНИЦИ: НА 745 ЛИЦА ЌЕ ИМ БИДАТ ИСПЛАТЕНИ ПО 30 750 ДЕНАРИ ЕДНОКРАТНО

0
784

Владата на денешната 83-та седница донесе одлука за доделување финансиска поддршка на вкупно 745 естрадни уметници. Секое пријавено лице кое ги исполни условите предвидени со јавниот повик, ќе добие еднократна финансиска поддршка во износ од 30 750 денари. Вкупно ќе им бидат исплатени речиси 23 милиони денари а со тоа ќе заврши уште една мерка од шестиот економски пакет.

На јавниот повик за финансиска поддршка на естрадни музичари, кој го објави Генералниот секретаријат на Владата, а кој се спроведе во соработка со Министерството за економија и Министерството за култура пристигнаа вкупно 1633 апликации.

По вкрстувањето на податоците од Министерството за труд и социјална политика, Управата за јавни приходи, Фондот за пензиско и инвалидско осигурување и официјалните списоци од Здруженијата на естрадни уметници, се утврди дека критериумите за добивање на финансиска поддршка ги исполнуваат вкупно 745 лица.

Критериумите кои естрадните уметници требаше да ги исполнат за да добијат еднократна финансиска помош се: да имаат пополнето годишна даночна пријава, да не се корисници на пензија, просечните месечни приходи да не надминуваат 15 000 денари, да не користат некоја од редовните програми за социјална помош на Министерството за труд и социјална политика и да бидат членови на некое од регистрираните здруженија на естрадни уметници.