ВИЦЕПРЕМИЕРОТ ЉУПЧО НИКОЛОВСКИ СЕ ВАКЦИНИРАШЕ СО КИНЕСКАТА ВАКЦИНА СИНОФАРМ: ЗАЕДНИЧКИ ДА ПРИДОНЕСЕМЕ ЗА ЗАШТИТА НА ЈАВНОТО ЗДРАВЈЕ

0
637

Вицепремиерот задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски, на вакциналниот пункт во спортската сала “Борис Трајковски” ја прими првата доза на вакцина за заштита од коронавирусот. Николовски рече дека имунизацијата е клучна за побрзо да се стекне колективен имунитет и да се надмине здравствената криза предизвикана од коронавирусот.

“Согласно националниот план за имунизација, тукушто ја примив првата доза од кинеската вакцина Синофарм, односно вакцината којашто беше достапна во моментот. Имунизацијата е клучна за побрзо да стекнеме колективен имунитет и да ја оставиме оваа тешка здравствена криза зад нас. Само така со заедничка одговорност придонесуваме кон колективното и јавно здравје и само така побрзо ќе заврши оваа борба со пандемијата од Ковид-19” – рече Николовски.

Тој посочи дека сите вакцини што пристигнуваат и што дополнително ќе пристигнуваат, се безбедни, проверени, тестирани и сите еднакво штитат од хоспитализација, тешки форми на болеста и фатален исход.