ВЕРУВА ДЕКА Е МОЖНО ДА СЕ НАЈДЕ РЕШЕНИЕ СО БУГАРИЈА ПРЕД САМИТОТ НА ЕУ, ЗАЕВ: ПОРТУГАЛСКИОТ ПРЕДЛОГ ДАВА ДОБРА РАМКА ЗА БУГАРИЈА ДА СЕ ОТКАЖЕ ОД ВЕТОТО КОН НАС

0
710

“Верувам дека ќе бидеме мудри, комплетно како што стоиме сите, а посебно Владата во заштита на македонскиот јазик и македонскиот идентитет и дека ќе се изнајде конечно решение за да направиме исчекор. Правиме се’ и навистина имаме добра основа низ португалскиот предлог да изнајдеме решение со Бугарија. Ако успее, веднаш на 23-ти јуни треба да ја имаме првата меѓувладина седница” – изјави денеска премиерот Зоран Заев.

Одговарајќи на новинарско прашање за учество во тв дуел со лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски за спорот со Бугарија, Заев рече дека за ова прашање прво очекувал покана од претседателот на бугарската Влада, Стефан Јанев.

“Секогаш во текот на преговорите, принципиелно ние ги соопштуваме сите детали и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ го има португалскиот предлог кај него во раце. Така сум информиран. Не гледам во моментов причина зошто да седнам, но прва прилика кога тоа нема да наштети на преговарачкиот процес, веднаш и во секое време сум за дуел за било кои теми” – рече Заев.

Португалското претседателство изненадувачки позитивно изработило инвентивно и креативно решение.

“Не само за нас туку и за бугарската страна, кое што е согласно со праксата на Европската унија и навистина може да биде решение. Да се посветиме уште 20 дена колку што останаа до состанокот на Советот на министри. Ако успее, веднаш на 23-ти јуни треба да ја имаме првата меѓувладина седница” – изјави Заев.

Не сака да ги поткрева очекувањата и ја повика ЕУ вклучително и Бугарија, да испорачаат затоа што ни должат преговори за членство.

“Деновиве имам многу средби. Имам средби во Тирана, во Виена, во Истанбул, во Париз и многу дестинации. Се’ со конечна цел и билатерално да ги зајакнуваме односите и да ги јакнеме нашите односи со ЕУ. Се надевам дека ќе имам средба и со бугарскиот премиер. Тоа е возможно да се случи во Софија. Но отворено е дали во Скопје, Софија, Охрид или било каде да седнеме и да се видиме” – изјави Заев.