ВАКЦИНИ И ОД ЕУ ЗА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА, ШАЛЕНБЕРГ: ЕУ Е СОЛИДАРНА КОН ЗАПАДЕН БАЛКАН

0
818

“Австрија веднаш го прифати барањето на Европската комисија во февруари за координација при испорака на вакцини за Западен Балкан, бидејќи регионот е приоритет за австриската надворешна политика” – шефот на австриската дипломатија Александер Шаленберг.

Станува збор за програмата на ЕУ за помош на соседните земји и Африка, со која Виена ќе координира за шесте земји од Западен Балкан, и од мај до август во регионов во неколку транши ќе испрати 651 000 дози на вакцината Фајзер, од кои 119 000 за Северна Македонија.

“За оваа цел пред неколку дена ги склучивме договорите со сите шест партнери од Западниот Балкан, откако ги решивме сите прашања поврзани со самата испорака и правните аспекти. Австрија однапред ќе ги финансира вакцините. Земјите од Западен Балкан, вклучително и Северна Македонија, ќе бидат финансирани преку средства од ИПА II што Европската комисија ги одобри при крајот на декември минатата година. Така, сите 119 000 дози за Северна Македонија ќе претставуваат донација од страна на Европската унија и нејзините земји членки” – вели Шаленберг.

И покрај незадоволството од динамиката и распределбата на вакцините во некои земји членки, тој не се согласува со оценката дека ЕУ не успеа да обезбеди нивна рамномерна дистрибуција во членките почитувајќи го принципот на солидарност како една од темелните вредности.

“Европската комисија обезбедува вакцини за сите земји-членки на ЕУ. Унијата не падна на тестот туку ги исполнува очекувањата за солидарност што претставува едно од нејзините основни начела. Донацијата на 651 000 дози за Западен Балкан е доказ за посветеноста на ЕУ кон солидарност, бидејќи никој не е безбеден се додека сите не се безбедни” – уверува Шаленберг.

Во однос на предложениот дигитален зелен сертификат, Австрија целосно го поддржува како важен чекор кон олеснување на слободното и безбедно патување.