ВАКЦИНАЦИЈАТА Е И ПРАВО НА ЗАШТИТА ПРИ РАБОТА: СТОПАНСКАТА КОМОРА НА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА БАРА ЗАДОЛЖИТЕЛНА ВАКЦИНАЦИЈА И ЧЕСТИ КОВИД ТЕСТОВИ ЗА СЕКОЈ ВРАБОТЕН ВО ПРИВАТНИОТ СЕКТОР

0
681

Стопанската комора на Северна Македонија бара да се воведе задолжителната вакцинација и во приватниот сектор за да се постигнат колективни резултати во борбата со вирусот и континуитет на деловните процеси.

Потпретседателката на Стопанската комора, Анета Трајковска рече дека ова барање во вид на Иницијатива е веќе доставено до Владата.
“Ја поддржуваме задолжителната вакцијација во јавниот сектор, посебно во здравството, но сметаме дека вакцинацијата треба да биде задолжителна и во приватниот сектор како што прават повеќето европски земји, повикувајќи се на правото на работникот за заштита при работа. Мора заеднички да работиме на подигнување на степенот на имунизација, што е неопходно да се постигне во пократок временски период за да се спречат мутациите на вирусот. Затоа предлагаме мерката да стапи на сила што поитно, но да се даде период за можност невакцинираните лица кои се во работен однос да се вакцинираат” – рече Трајковска.

Вработените треба да бидат вакцинирани против Ковид, да имаат потврда дека го прележале вирусот или да се тестираат и за тоа да приложуваат соодветен сертификат. Работодавачот ќе треба да води соодветна евиденција.

“Вработените треба да поседуваат и да приложат на увид сертификат/потврда за извршена имунизација против Ковид (за примени најмалку две дози вакцина), како и сертификат/потврда за прележан Ковид во последните шест месеци, сметајќи од денот на оздравувањето. За вработените кои не се вакцинирани или го немаат прележано вирусот да се предвиди воведување задолжително тестирање најмалку еднаш неделно со брзи антигенски тестови, со самотестирање или во државни или приватни дијагностички центри, како ќе одлучи работодавачот. Доколку работодавачот се одлучи за самотестирање, тоа да се изведува во работните простории, а работодавачот да го одреди местото и времето на самотестирањето. Работодавачот треба да води евиденција на евидентен лист кој мора да го содржи датумот на тестот, резултатот од тестот (позитивен, негативен) и потпис на работникот” – изјави Трајковска.