УТРЕ НА СРЕДБА СО ДКСК ЗА ДА СЕ РАСЧИСТАТ СОМНЕЖИТЕ ЗА ПОТЕНЦИЈАЛНА КОРУПЦИЈА ЗА АВТОПАТИТЕ, ВИЦЕПРЕМИЕРОТ НИКОЛОВСКИ: ТРАНСПАРЕНТНО ЌЕ ГИ ГРАДИМЕ АВТОПАТИТЕ СО СВЕТСКА КОМПАНИЈА КАКО СТРАТЕШКИ ПАРТНЕР

0
869

Вицепремиерот за борба против корупцијата, Љупчо Николовски изјави дека утре ќе се сретне со антикорупционерите, иако не гледа ризик од корупција за изградбата на автопатите. Со донесениот законот во Собрание, Владата не е обврзана да склучи договор со стратешкиот партнер туку е овластена да преговара.

“Корупција е тоа што со години немаме автопати, а имаме проекти од пред 20 години, многу анекси што се случуваат, промени на цени и што не видовме во последните 30 години. Затоа и како потпретседател на Влада ќе дадам максимална поддршка на се она што е добро.

Законот во Собрание не значи обврзувачки дека се склучува договор туку дека Владата се обврзува односно има право да започне јасни постапки со вклученост на експерти, со вклученост на опозиција и граѓани, сè со цел да имаме реална изградба на автопати и поддршка од стратешкиот партнер на државата.

И не знам кој е тој што ќе се обиде да влезе во корупција кога станува збор за најголеми светски компании и е со поддршка на сите меѓународни поддржувачи на нашата земја. Треба да бидеме претпазливи во поглед на сè, ќе дискутираме за сите прашања, сите можни ризици, но имаме и обврска да дадеме поддршка на клучните процеси” – изјави вицепремиерот Николовски.

Закон се однесува за изградба на коридорите 8 (делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и 10 Д (делница на автопатот Прилеп – Битола). Законот експресно беше донесен во Собранието и доби зелено светло и од шефот на државата, Стево Пендаровски, а беше резултат на претходно потпишаниот Меморандум за соработка на Владата со американско-турскиот конзорциум “Бехтел и Енка”.