УСТАВНОТО ИМЕ МОРА ДА СЕ ПОЧИТУВА, ЗАЕВ: ПАРЛАМЕНТАРНОТО МНОЗИНСТВО ЌЕ РАСТЕ И ПОНАТАМУ ПОРАДИ НАШИТЕ ДОБРИ ПОЛИТИКИ И РЕШАВАЊЕТО НА СПОРОВИТЕ

0
751

Премиерот Зоран Заев смета дека парламентарното мнозинство може само да расте, во тоа е уверен пред се’ поради добрите политики кои ги спроведува власта во сите сфери. Тој вели дека нема потреба да се оди на предвремени парламентарни избори и оти власта треба да истера еден цел мандат, да покаже што умее и граѓаните да го почуvствуваат бенефитот.

Заев најави дека за локалните избори, СДСМ ќе коалицира со партнерите со кои и сега е заедно, но дополнително ќе се одлучува дали тоа ќе биде за првиот или вториот круг од изборите.

“Одговорно тврдам дека парламентарното мнозинство може да расте, а не да паѓа. Ќе се обидам на наједноставен начин тоа да го објаснам, а е врзано со политиките кои ги води власта предводена од СДСМ и опозицијата од ВМРО-ДПМНЕ. Тоа е основата дали ќе има миграција на пратеници од лево кон десно или од десно кон лево. Нека ценат сите стручни експерти дали има реална основа да ја зголемиме бројката на поддршка на пратеници на сето ова што го зборуваме за проекти, европска интеграција, за подобрување на државата” – рече Заев.

“Добрите политики се отсликуваат и во држење и на стабилното мултиетничко општество, јасните економски перспективи, економски мерки кои повлекуваат зголемување на просечната и минималната плата, како и подобар стандард на граѓаните воопшто. Тоа се политики на оваа Влада. Сето друго е ризикот кој треба да го прифатиме. Мојот прв опонент Христијан Мицкоски, „С“ од Северна не употребува, може да замислите што ќе биде во државата. И зошто да одиме на парламентарни избори? Зарем не е потребно да дадеме еден мандат од четири години конечно и власта да покаже што може и економските бенефити да ги почуствуваат граѓаните?” – истакна премиерот.

“Сите овие политики кои ги спроведуваме години наназад без разлика дали се работи за Договорот со Бугарија, Законот за употреба на јазиците, Договорот со Грција, членството во НАТО, тоа се’ е за поголем економски стандард и поквалитетен живот на граѓаните.”