УЈП МОРА ДА СПРЕЧУВА УПЛАТА САМО НА ПРИДОНЕСИ И ДАВАЧКИ БЕЗ ИСПЛАТА И НА ПЛАТИ: ВРАБОТЕНИ ОД ВИНИЧКО КОМУНАЛНО ПРЕТПРИЈАТИЕ ДОБИЛЕ МИЗЕРНА МАЈСКА ПЛАТА ОД САМО 100 ДЕНАРИ

0
750

Стотина вработени во комуналното претпријатие “Солидарност” од Виница вчера добиле безобразни 100 денари како мајска плата. Од синдикалната организација во претпријатието ја потврдија ваквата исплата, со мизерно образложение дека финансиската состојба во моментот не дозволува работниците да ги добијат редовните износи на платите.

“Точно е дека на вработените им е исплатена мајската плата од по 100 денари, а причина за тоа е да нема прекин во подмирувањето на обврските за придонеси за здравствено и пензиско осигурување. Веќе одржавме состанок на стручниот колегиум на кој директорот на претпријатието информираше дека поради достасани обврски по судски пресуди, исплатени се стари побарувања за К-15, отпремнини за пензија, награди на вработени и слично, поради што на сметката нема доволно средства за исплата на редовна плата. Се работи за долгови од пред десетина години, чија висина изнесува околу 7 милиони денари, а за наплатата стигнале дури сега” – истакна Павле Стојковски, в.д. претседател на синдикалната организација во “Солидарност”.

За утре е закажана средба на синдикатот со директорот на претпријатието и со градоначалникот на Општина Виница. Тема е лошата финансиска состојба и ќе се бара начин да се подмират сите обврски кон вработените.