УДИРАЊЕ ВО ГРАДИ ПОРАДИ ПАРТИСКИ ИНТЕРЕСИ НЕ Е ПАТРИОТИЗАМ, ЗАЕВ ОД ПЕЛИНЦЕ: СВЕТЛИНАТА НА ИЛИНДЕН БЛЕСНА ДВА ПАТИ ВО НАШАТА ИСТОРИЈА, ВО 1903 И 1944 ГОДИНА И ДЕНЕС ЖИВЕЕМЕ ВО СОПСТВЕНА ДРЖАВА

0
778

“Третиот Илинден е нашиот континуитет во афирмацијата на вредностите според кои е изградена нашата држава и кои светот ги прифати како наша специфика и идентитет. Третиот Илинден не познава крај. Тој е бесконечноста на нашиот стремеж кон нашата иднина. Затоа нашиот Илинден не е завршен и нема да заврши. Ние го живееме нашиот Илинден. На нас и на идните генерации ни останува да го живееме и да го шириме пламенот на Илинден. Илинден не ни е даден за да го ставиме во историјата или сеќавањата, туку за да го живееме и да го носиме неговиот пламен во иднината каде што припаѓаме. Илинден не е врзан за ниту една идеологија и ги надминува границите на било кој историски период” – рече премиерот Заев на свеченото илинденско обраќање во меморијалниот центар Пелинце.

“Секоја генерација има свој Илинден. Современите генерации на Македонците и Македонките го имаа вградено единствениот правилен избор, со волја на народот на референдумот  беше прогласена независност. Оваа година одбележуваме три децении од независноста со единствена желба, нека е вековита. Нашиот трет Илинден е печатот ставен на личната карта во ОН, држава во која официјален и службен  е македонскиот јазик. Нашиот трет Илинден е и нашата борба и нашата победа на демократските наспроти декадентните вредности. Нашиот Илинден е правдата и владеењето на правото базирани на принципот дека сите се еднакви пред законот. И уште еден илинденски принцип е битен, а тоа е  обединувањето и единството околу најважните прашања. Да престанеме да се удираме во гради кој е поголем патриот заради партиските интереси. Нема да престанам  да повикувам да бидеме сложни и единствени” – порача премиерот Заев.

Тој оцени дека дел од стратешките цели и наш трет Илинден е и членството во НАТО.

“Во Норфолк се издигна македонското знаме, се интонираше македонската химна, ја осигуравме безбедноста на Македонија. Останува остварување на нашата втора стратешка цел, членството во ЕУ. Северна Македонија никому со ништо не наштетила во историјата. Секогаш бевме и останавме на сончевата страна на мирољубивото решавање на проблемите. Денес со гордост сме една од водечките земји која наспроти блокадите на соседите ги слуша желбите на граѓаните. Уверен сум дека Република Бугарија е пријател и дека е многу блиску денот кога и македонскиот и бугарскиот народ ќе се уверат дека Бугарија нема да биде пречка за Македонија во ЕУ” – рече Заев.

“Светлината на Илинден блесна двапати во нашата историја. Првиот пат, во 1903 година, со илинденската епопеја, која заврши со Крушевската република. Првата Република на Балканот која на почетокот на 20. век силно го пренесе во светот гласот за остварување на вековниот сон за сопствена држава на Македонците и на своите браќа и другари од другите народи кои живееја, живеат и ќе живеат на овие простори” – рече премиерот Зоран Заев.

“Втор пат Илинден блесна во 1944 година, во манастирот Св. Прохор Пчињски, каде што се одржа Првото заседание на АСНОМ. Тој ден се оствари визијата на бескомпромисниот борец за самостојноста на македонското национално дело, Димо Хаџи Димов, кој по повод 20 годишнината од Илинденското востание, во 1923 рече: “Македонскиот народ ќе дочека и втор, победоносен Илинден”. И го дочека. Со учеството и победата во антифашистичката, голема Светска војна на територијата на Македонија, припадничките и припадниците на партизанските единици на НОБ ја заокружија историската цел – државноста на нашата земја. На првото државотворно собрание на АСНОМ, раѓањето на демократска федерална Македонија го сведочеа и големите светски сили, САД и Велика Британија. Истите наши денешни сојузници во НАТО” – рече Заев.