ТРЕТИОТ БРАН НА КОРОНАВИРУСОТ НИ ОСТАВИ И ЕКОНОМСКИ ПОСЛЕДИЦИ, ФАЈНАНС ТИНК: БДП СЕ НАМАЛИ ЗА 1,9% А ПАЗАРОТ НА ТРУД СЕ СТАБИЛИЗИРА ВО ПРВИОТ КВАРТАЛ

0
654

Во првиот квартал од 2021, БДП се намали за 1,9% на годишна основа како резултат на третиот бран од пандемијата со Ковид-19, кој наметна продолжување на карантините дома и кај главните трговски партнери” – констатираше економскиот институт “Фајнанс тинк” (Finance Think) во најновиот Макроекономски монитор.

Од Фајнанс тинк велат дека во вакви околности, исцрпувањето на ефектите од две клучни владини мерки, субвенциите за задржување на работните места 14 500 денари по работник и еднократната парична помош за ранливи групи граѓани, ја задржаа приватната потрошувачка нешто над нивото од К1-2020 (раст од 0,4%). Јавната потрошувачка ја започна консолидацијата по големата експанзија во претходните три квартали (во К1-2021, намалување од -2,2%). Инвестициите забележаа остар пад (-16,6%), што е рефлексија на воздржаноста од преземање позначајни потфати, но надворешната трговија покажа знаци на подобрување (раст на извозот од 8,6% и на увозот од 2%), што делумно се должи и на ослабувањето во текот на првиот квартал лани (ниска споредбена основа).

На производната страна, најголем дел од дејностите се на или блиску до нивото од К1-2020, со исклучок на преработувачката индустрија која забележа пад од 6,2%.

Невработеноста во првиот квартал од 2021 понатамошно благо се намали, на 16% од претходните 16,1% (К4-2020), додека вработеноста забележа понатамошно благо зголемување од 46,8% на 47,1% што упатува на стабилизација на пазарот на труд.