СВЕТСКИ ДЕН ЗА ЗАШТИТА НА ЖИВОТНАТА СРЕДИНА, ШИЛЕГОВ: ДВЕ И ПОЛ ГОДИНИ ЗАСИЛЕНО ГО ПОШУМУВАМЕ И РАЗЗЕЛЕНУВАМЕ СКОПЈЕ И ТАКА ГО НАМАЛУВАМЕ АЕРОЗАГАДУВАЊЕТО

0
762

На одбележувањето на Светскиот ден на заштита на животната средина, Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов и премиерот на Владата на РСМ, Зоран Заев присуствуваа на акцијата на Град Скопје за расчистување на поранешниот полигон за обука на возачи под Кале. На акцијата присуствуваа и Директорката на УЈП, Сања Лукаревска и Заменик-министерот за информатичко општество и администрација, Александар Бајдевски.

“Денеска заедно со премиерот и претставници од Владата го одбележуваме Светскиот ден на заштита на животната средина. Неслучајно ја одбравме оваа локација, која изминативе три години беше предмет на анализа на Град Скопје и УНДП како дел од проектот “Отпорно Скопје” и изготвени се две студии: Студија за озеленување и пошумување на подрачјето на Град Скопје и Студија за ерозија и акциски план на Град Скопје. Оваа локација, ридот на Кале е една од најкритичните точки на градот во смисла на ерозија и согласно таа студија во изминативе две и пол години, Градот Скопје во соработка со УНДП има засадено над 11 500 садници со цел спречување на ерозивните процеси” – рече градоначалникот Шилегов.

“Сакам да најавам дека оваа локација во иднина ќе биде во фокус на градот во смисла на уредување на јавниот простор. Овој простор треба да премине во организирано паркирање, но и да се изградат нов памптрак полигон, скејт парк, кошаркарски игралишта со цел овој простор кој во минатото беше сериозно девастиран и заборавен од градските власти, да го ставиме во употреба на скопјани. Со уредувањето на овој простор, кој локациски се наоѓа во непосредна близина на Градскиот парк и воведување организирано паркирање, планираме да го направиме многу подостапен пристапот до Градскиот парк, забавниот парк, Зоолошката градина. Во оваа прилика сакам да апелирам до скопјани, особено граѓаните што доаѓаат од Аеродром, Ново Лисиче, Бутел и Чаир наместо да одат да паркираат пред ЗОО-Скопје, да го користат овој простор, којшто сега е слободен за паркирање, исчистен и релативно безбеден” – рече Шилегов.