ССМ: ПОПЛАКИ ЗА НАМАЛЕНИ ИЛИ НЕИСПЛАТЕНИ ПЛАТИ НО И ОТКАЗИ ВО ТЕКОТ НА ПАНДЕМИЈАТА

0
1222

Намалени или неисплатени плати, откази и трансформирање на работниот однос од неопределено на определено време, се дел од работите поради кои работниците побарале правна помош и заштита во текот на минатата година. До Сојузот на синдикати на Македонија, кој има служба за бесплатна правна заштита за правата од работен однос, пристигнале голем број поплаки за неисплатени плати, иако за тоа биле обезбедени финансиски средства од страна на Владата, како дел од антикризните пакети за излез од кризата што ја предизвика пандемијата на Ковид-19.

Имало и случаи во кои работниците биле праќани дома и им била намалена платата со образложение дека нема работа поради пандемијата, а бројни обраќања пристигнале и за непочитување на правото на платено отсуство на хронично болните работници, бремените жени и родителите со деца до 10 години.

Отказите се исто така значаен дел или околу 40 проценти од обраќањата до ССМ се по овој основ. Евидентирани се откази во чевларската и металната индустрија и во угостителството. Дваесет проценти од пријавите што стигнале до синдикатот се однесуваат на случаи во кои работниците биле праќани на годишен или принуден одмор без решенија или предвреме им биле раскинати договорите за работа на дело.

За поедноставен пристап до бесплатната правна помош отворена е телефонска линија и мејл адреса. Работниците можат да ги пријават прекршувањата на правата од работен однос на телефонскиот број 070/818-878 или на мејлот [email protected].