СПРОВЕДОВТЕ БРОЈНИ РЕФОРМИ, НЕКОИ БЕА И БОЛНИ И ЗАТОА ЗАСЛУЖУВАТЕ ПРЕГОВОРИ СО ЕУ, ХРВАТСКАТА АМБАСАДОРКА ТИГАЊ: ВАШИОТ БИЛАТЕРАЛЕН СПОР СО БУГАРИЈА НЕ СМЕЕ И НАТАМУ ДА ЈА ЗАГРОЗУВА ЕВРОИНТЕГРАЦИЈАТА НА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА

0
311

“Северна Македонија спроведе бројни реформи, од кои некои навистина беа и болни. Затоа сметаме дека Северна Македонија заслужува отворање преговори колку што е можно побрзо. Би сакале тоа да се случи уште за време на португалското претседателство, да се одржи првата меѓувладина конференција односно формалниот почеток на пристапните преговори” – изјави во интервју амбасадорката на Хрватска во Северна Македонија, Нивес Тигањ.

Тигањ вели дека Хрватска го поттикнува и поддржува дијалогот меѓу Северна Македонија и Бугарија за изнаоѓање решение. Таа додава дека е потребно и продолжување на реформскиот процес, со консензус на сите политички сили во државата.

“Тоа е многу важно, бидејќи таквиот пристап ја потврдува посветеноста на вашата земја за вашата стратегиска цел, а тоа е членство во Европската Унија. И Хрватска имаше билатерална пречка на својот евроинтеграциски пат, па морам да кажам дека апсолутно имавме еден политички консензус. Сите политички субјекти во државата имаа јасна цел и јасно определување за членство во Европската Унија” – вели хрватската амбасадорка.

Хрватската амбасадорка Тигањ подвлекува и дека европската перспектива на регионот е несомнена и оти ЕУ е посветена на политиката на проширување на Западниот Балкан.