СО СЕКОЈА ФАЗА ОД ИМПЛЕМЕНТАЦИЈАТА НА ОХРИДСКИОТ РАМКОВЕН ДОГОВОР, СЕ НАМАЛУВАА МЕЃУЕТНИЧКИТЕ КОНФРОНТАЦИИ, ПЕНДАРОВСКИ: ГО ИМАМЕ НАЈДОБРОТО МОЖНО РЕШЕНИЕ ВО ТОЈ ПОЛИТИЧКИ МОМЕНТ, ДУРИ И НАЈГОЛЕМИТЕ КРИТИЧАРИ НЕМААТ АЛТЕРНАТИВА ЗА НЕГО

0
254

Претседателот Стево Пендаровски, на прославата 20 години Охридски рамковен договор, порача дека времето ја потврдува неговата важност и дека и денес е најдоброто можно решение на политичките лидери во тогашниот политички момент. Во ниту едно испитување на јавното мислење граѓаните не гледаат во договорот како на безбедносна закана.

“Факт е дека со секоја фаза на негова имплементација, се намалуваа конфронтациите. Во сите анкети, Рамковниот договор не фигурира како безбедносна закана или се наоѓа сосема долу. И тогаш и денес сметам дека тоа беше најдобриот можен одговор. Солиден аргумент на оваа теза е дека и тогаш и денес неговите најголеми критичари немаат алтернатива за него. Решавачко беше оние што го потпишаа, немаа намера да ја фингираат неговата имплементација, едно да прават дома, а друго да зборат пред странците” – рече претседателот Пендаровски.

Децентрализацијата не произлезе како територијализација на поединечни етнички барања, туку со договорот се гарантира дека заедниците треба да работат заедно за иднината.

Претседателот Пендаровски смета дека договорот не е совршен и дека било грешка што под притисок на динамиката на настаните, учесниците на преговорите немале доволно време да се посветат на правата и на другите малцинства.

“Статусот земја-кандидат за членство во ЕУ го добивме пред се’ поради имплементацијата на Рамковниот договор. Немам дилема дека на земјата не и’ треба нов внатрешен и надворешен политички концепт. Резонот поради кој беше потпишан Рамковниот договор е предност а не пречка за нас. Државата не може да изгуби ако некои сограѓани добијат права кои не се на штета на правата на другите граѓани” – смета претседателот.

“За улогата на САД, како и потписниците, постојат доволно докази кои покажуваат дека тие ја поддржуваат нашата независност. Маргиналната застапеност на Албанците во институциите, беше извор на фрустрации и тензии, а кога 1/4 од населението не учествува во креирањето на политиките, нормално е да има помала лојалност. Неториторијалните етнички права се единствен можен начин за да нема поделби. Темелниот предизвик е како да разгледуваме надвор од етничките и партиски агенди, а на тој пат, на политичарите им претстои доста работа, тука можеме да учиме од граѓаните. Мултинационалниот модел треба да го развиваме” – порача Пендаровски.