СЕРИОЗНО ГИ ЗЕМАМЕ ПРЕДВИД КРИТИКИТЕ ОД МЕЃУНАРОДНИТЕ ИЗВЕШТАИ ЗА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА, ВЛАДА: ПОСВЕТЕНИ СМЕ НА СПРАВУВАЊЕ СО ВИСОКАТА КОРУПЦИЈА И ОРГАНИЗИРАНИОТ КРИМИНАЛ

0
796

Владата објави јавно соопштение дека со исклучително внимание ги анализира сите аспекти од извештајот на Стејт департментот на САД. Критиките ќе бидат упатени до сите релевантни државни институции за да се зајакнат антикорупциските политики и да ја подобрат инвестициската клима во земјава.

“Владата е одлучна и сериозно посветена на решавање на наталожените и децениски проблеми, а справувањето со високата корупција и организиран криминал е на врвот на приоритетните национални реформи кои веќе испорачуваат резултати. Прочистувањето на правосудството, постојаното зголемување на транспарентноста на институциите, новата стратегија за конфискација на имот, дигитализацијата на институциите со која се отстранува човечкиот фактор при носењето одлуки и унапредувањето на системот за јавни набавки се неповратни процеси кои претставуваат препрека и закана за секој поранешен, актуелен и иден функционер кога е во прашање корупцијата” – се вели во владиното соопштение.

Веќе се расчистени повеќе судски процеси низ кои високи политичари се осудени за сериозни кривични дела, а десетици случаи се во напредни судски постапки и се очекуваат конечни пресуди од судовите. Правосудството ги има сите услови за професионално и непристрасно одлучување, ослободено е од секакви влијанија на извршната власт.

Во извештајот на Стејт Департментот објавен претходно, се вели дека спроведувањето на антикорупциските закони на моменти е слабо, а селективно се таргетираат критичари на власта и престапници од низок профил. Има обвинувања за корупција и во полицијата, обвинителството, судството итн. Исто така постојат забелешки и за честото носење на закони во Собранието по скратена постапка.